Средба на министерот Адеми со американскиот амбасадор Волерс
Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми на денешната средба го информирал амбасадорот на САД Пол Волерс дека Република Македонија го прифати американскиот предлог за реализација на проектот „Унапредување на капацитетите за ниско емисиони развојни стратегии“.
- Владата на Република Македонија веќе достави писмо дека ја прифати иницијативата на САД, рече Адеми. На средбата, како што посочи, било дискутирано за повеќе прашања од областа на животната средина.
- Ја искористив приликата да му се заблагодарам на амбасадорот за поддршката што тој ја дава за Република Македонија. Констатиравме дека политичките и дипломатските односи меѓу дрвете држави се одлични и тие треба да се користат за продлабочување на економската соработка, изјави министерот.
Адеми информирал дека Министерството продолжува со усогласувањето на нашата легислатива со онаа на ЕУ и дека продолжуваат инвестициите во областа на животната средина, особено во инфраструктурните проекти.
Амбасадорот посочи дека на средбата станало збор за соработката во областа на животната средина, која е поврзана со економијата, за прашања како загадувањето на воздухот и водата... - Факт е дека овие прашања влијаат на економијата, но и на здравјето на граѓаните. Затоа сметам дека се ова многу значајни прашања на кои треба да се работи, рече Волерс посочувајќи дека ја поздравува идната соработка.