Економски бум во Општина Илинден
Четириесет и пет од вкупно 50 градежни парцели се веќе продадени на инвеститори во локалната економска зона Марино-Кадино. На поголем дел се изградени или се во тек на градба индустриски капацитети од различни сектори.
Зоната, која се протега на 115 хектари, денеска придружуван од градоначалникот на Општина Илинден ја посети министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, а присуствуваше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
Градоначалникот на Општината Жика Стојановски притоа во разговор со Груевски информира дека во оваа локална економска зона во 2015 година Општината инвестирала вкупно 24 милиони денари за изградба на патната и комуналната инфраструктура.
Меѓу последните инвестиции во оваа зона е и инвестицијата на австриската компанија „Текспорт“ која произведува заштитна опрема. Компанијата планира да го заврши погонот до крајот на годината, а во него да вработи од 350 до 400 лица.
Груевски се сретна и со еден од сопствениците на компанијата „Гранд фуд корпорејшн“ од областа на прехранбената индустрија, домашна инвестиција, фирма-ќерка на семејната компанија „Гранд експорт“ која постои веќе 25 години. Во компанијата во моментов се вработени 60 лица.
- Благодарение на сите поволности и субвенции кои ги нуди Владата и општината се реализира нашата желба. Го купивме земјиштето многу поволно, го изградивме објектот многу поволно, поволност се и ниските даноци, а имавме и одлична комуникација со сите надлежни институции и министерства, рече претставничката на компанијата.
Инаку, „Гранд фуд корпорејшн“ е целосно домашна инвестиција во вредност од 6,5 милиони евра од кои 3,5 милиони евра се автоматизирана технологија каква нема на Балканот и во ЈИЕ.
- Овој производствен погон во иднина планираме да го прошируваме со нови производствени линии кои исто така ќе бидат конкурентни во Европа и светот. Досега работевме за домашниот пазар, но од март стартуваме со извоз, додаде претставничката на компанијата.
При посетата на локалната економска зона Марино-Кадино Груевски се сретна и со локални жители кои изразија големо задоволство од унапредувањето на животниот стандард преку изградбата на патната и комуналната инфраструктура па се до задоволување на голем број други потреби карактеристични за урбани средини.
-Во изминативе години квалитетот на животот во општината е многу подобар. Можам да кажам ги имаме сите услови што ги има во градот – од амбуланта до аптеки, банки, вели една жителка од општината.
Тие се задоволни и што е решен јавниот превоз, а со изградбата на голем број фабрики во значителен број е намалена и невработеноста во општината.
Според градоначалникот Стојановски, во 2005 година невработеноста во Општина Илинден изнесувала 38 проценти, а денеска таа изнесува 10 проценти и во таа бројка се опфатени лицата и активни и пасивни баратели на работа. За дел од жителите од особено значење е и поддршката што од Владата ја добиваат во форма на субвенции за земјоделското производство.
- Како ќе се градат објектите во оваа зона така се отвораат нови работни места и затоа е важно во секоја општина секој градоначалник да предвиди индустриски зони за да има каде да дојдат инвеститори, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
Повозрасните граѓани на општината покажаа интерес за поставување урбана опрема и паркови каде ќе може да го поминуваат дел од своето време.
Градоначалникот Стојановски информира дека во фаза на изградба е пешачка и велосипедска патека во должина од два километри која се гради со поддршка на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој со која се предвидува поставување на клупи и засадување дрвореди по целата нејзина должина.