Состанок на Балкански медицински сили во Скопје
Работна средба на која е разговарано за статусот, плановите, задачите и обврските на Балканските медицински наменски сили и земјите кои се вклучени во проектот се одржа денеска во Министерството за одбрана. На средбата присуствуваа министерот за одбрана Зоран Јолевски, заменик-началникот на ГШ на АРМ генералот Мухамет Рацај, како и претставниците на министерството и АРМ.
Министерот за одбрана Јолевски на работната средба со претставници на Балканските медицински наменски сили, денеска порача дека Балканските медицински сили се значаен проект за Македонија и регионот и дека претставува чест да се биде домаќин на овој проект кој се развива во духот на паметната одбрана.
Како што се наведува во соопштението на Министерството за одбрана, еден од клучните моменти за развој на проектот е потпишувањето на меѓународната „Спогодба на Балканските медицински наменски сили“ во јануари оваа година. На средбата е заклучено дека она што следи е ратификацијата на Спогодбата, по што проектот и официјално ќе започне да функционира. Постојаното седиште на Штабот на Балканските медицински наменски сили ќе биде во Скопје, Република Македонија.
Иницијативата „Balkan Medical Task Force (BMTF)“, односно „Балкански медицински наменски сили“ е проект инициран од страна на Кралството Норвешка и САД. Земји учеснички од регинот вклучени во проектот се Македонија, Албанија, БиХ, Словенија, Србија и Црна Гора. Целта на проектот е подобрување и оспособување на националните медицински капацитети за работа во рамките на регионална мултинационална единица, засилување на регионалните воено-медицински капацитети за поддршка на цивилната заедница и оспособување на националните воено-медицински служби за изградба на стандардизирани капацитети со високо ниво на интероперабилност во регионот и со ООН, НАТО, ЕУ и Партнерството за мир.