Проект на УСАИД за развој на претприемачите и нивните микро и мали претпријатија

Развој на претприемачите и нивните микро и мали претпријатија преку размена на искуства, советувања, поддршка при извозот и инвестиции нуди новиот проект на УСАИД што ќе се спроведува во следните пет години.

Проектот чини околу два милиони долари од кои 800 илјади ќе бидат наменети за инвестицискиот фонд. Ќе има максимум 10 инвестиции во износ од 80 до 100 илјади долари по инвестиција.

Наменет е за микро и малите компании кои имаат до 10 вработени, годишен приход до 500 илјади евра, можност за нови вработувања и да се во индустрии каде има потенцијал за раст.

- Микро и малите претпријатија во Македонија опфаќаат околу 99 проценти од вкупниот број претпријатија и апсорбираат околу 80 проценти од вкупната работна сила во државата. Со помош на консултантите кои ќе бидат ангажирани од страна на УСАИД и со трансфер на знаења и технологии ќе се обидеме да придонесеме за нашите микро и мали претпријатија повеќе да се ориентираат кон извозот и кон други успешни приказни, а со тоа и кон отворање нови работни места и економски раст во државата, истакна министерот за економија Ваљон Сарачини на промоцијата на проектот.

Проектот се спроведува за потребите на скопскиот регион, а ќе се реализира и во Полошкиот, Источниот и Вардарско/Југоисточниот регион.