Користењето на компјутери и интернет бележи растечки тренд
Македонската интернет околина е во континуиран раст. Според официјалните статистички податоци, користењето на компјутери и интернет во Република Македонија бележи растечки тренд во сите општествени сектори.
Ова беше истакнато на манифестацијата „Сајт на годината“ на која во текот на денот ќе бидат погласени најдобрите сајтови за 2011 во неколку категории.
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во првото тримесечје од годинава 55 проценти од домаќинствата имале пристап на интернет, што е за 8,9 проценти повеќе во споредба со истиот период лани. Учеството на домаќинствата со широкопојасен интернет во вкупниот број на домаќинства е зголемено на 42,1 проценти, а 58,9 проценти од вкупното население на возраст од 15 до 74 години компјутер, додека интернет 56,7 отсто. Интернет најмногу користеле учениците и студентите.
Според податоците на Агенцијата за електронски комуникации, пак, во првиот квартал на годината, 2G и 3G користеле вкупно 384.897 корисници, додека вкупниот број на претплатници преку 2G изнесува 93.583.
- Ме радува фактот што македонската интернет околина е во континуиран раст. Денес постојат многубројни забавни портали, интернет весници, специфични портали за одредена целна популација, корпоративни сајтови, постојат форуми и блогови преку кои се дискутира за најразлични прашања од интерес, но и преку кои уште повеќе се развива демократијата во Република Македонија. Постои сè пософистицирано електронско банкарство преку кое вршиме трансакции, но од посебно значење е што полека но сигурно се развива и директната електронска трговија со отворањето и функционирањето на електронските продавници, истакна министерот за инфоматичко општество и администрација Иво Ивановски во обраќањето на манифестацијата.
Тој информира дека Министерството почна и со иницијатива за развој на е-бизнис преку отворање на конкурс за избор на 100 најдобри е-бизнис планови за отворање на електронска продавница. - Конкурсот за првите 50 продавници трае до крајот на декември, додека наредната година ќе биде распишан уште еден конкурс со кој дополнителни 50 бизнис планови ќе бидат избрани да отворат електронски продавници, рече Ивановски.
Манифестацијата „Сајт на годината“ се одржува по втoр пат под покровителство на претседателот на Република Македонија, а со поддршка од Министерството за информатичко општество и администрација. За годинашниот избор на најдобри сајтови гласале повеќе од 10 илјади интернет корисници, а за наградите ќе се борат над 250 веб страници.