Модернизација на средното стручно образование
Македонија ќе добие модернизирано, европски усогласено и прилагодено на пазарот на труд средно стручно образование по примерот и практиките во западните европски земји. Тоа го најави денеска заменикот министер за образование и наука Спиро Ристовски на прес-конференција по повод отпочнување на процесот на реформи на четиригодишното средно стручно образование.
Според Ристовски, позитивните ефекти од интензивната политика на отворање нови работни места и зголемување на вработеноста, иницира потреба на пазарот на труд за одреден кадар и таа кадровска потреба најчесто се однесува на лица со соодветно стручно образование.
- Министерството за образование и наука, Центарот за стручно образование и наука и Бирото за развој на образованието со поддршка на Светска банка кон крајот на 2015 година започна подготовки за модернизација на четиригодишното средно стручно образование. Интернационален конзорциум, согласно потпишан тригодишен договор со Министерството, треба да направи анализа на постојниот систем, да предложи измени и да ни помогне во реформирање на 14 струки, 52 образовни профили и 1.300 наставни програми, рече Ристовски.
Тој, исто така, рече дека пред неколку години е започната етапна реформа на целокупното средно стручно образование и дека досега во соработка со институциите на ЕУ се реформирани 111 наставни програми за две и три годишно средно образование во вкупно 13 образовни профили.
- Согласно понудената методологија за работа конзорциумот ќе одреди кои од постојните наставни програми треба целосно или пак делумно да се променат. Ќе помогне во утврдување за кои предмети се потребни нови учебници и дополнителни наставни помагала. Ќе изработи спецификација за набавка на соодветна опрема за средните и стручни училишта, која е неопходна за квалитетна и практична настава и унапредување на стручните вештини и способности за учесниците. Целата оваа реформа ќе заврши во 2018 година, рече Ристовски.
Интернационалниот конзорциум е составен од меѓународно познат и признат експертски тим на реномирани странски, но и домашни консултантски куќи предводени од „Аркидата“ од Италија.
Џузепе Мускети од Италија кој го предводи конзорциумот, рече дека наместо едноставно преземање на систем од друга држава Македонија заслужува соодветно скроен модел базиран на најдобрите елементи идентификувани на ниво на ЕУ.
Јан Хумел од Велика Британија, кој е дел од конзорциумот, исто така, изрази уверување дека со реформите Македонија ќе добие средно стручно образование по меѓународни стандарди признати не само во Македонија, туку во Европа и светот.