Димитриев се сретна со мониторинг комисијата на СЕ и со генералниот директор на Меѓународниот центар за развој на миграциска политика
Претседателот на Владата на Република Македонија за спроведување на изборите, г-дин Емил Димитриев, денеска (среда, 17.02.2016 година) оствари средби со г-ѓа Лиза Кристоферсон и г-дин Валериј Гилечи, известители на Комисијата за почитување на обврските и заложбите на земјите членки на Советот на Европа, како и со генералниот директор на Меѓународниот центар за развој на миграциска политика, г-дин Михаил Шпинделегер.
На средбата беше поздравена соработката помеѓу Република Македонија и Советот на Европа, и беше истакната заложбата и потребата за организација на фер, кредибилни и демократски избори.
Премиерот за спроведување на изборите Димитриев истакна дека Владата работи со полн капацитет и презема мерки и активности кои се во насока на организирање на фер, кредибилни и демократски избори на 24 април 2016 година, а на секоја владина седница како прва предточка се врши разгледување и преглед на спроведувањето на овие мерки и активности.
Двете страни разговараа за процесот на прочистување на избирачкиот список. Во оваа насока премиерот за спроведување на изборите истакна дека постои секојдневна комуникација помеѓу Владата и Државната изборна комисија во насока на реализација на потребите и барањата на ДИК од страна на државните институции, дека досега е позитивно одговорено на секоја потреба изразена од ДИК и потенцираше дека Владата во секој момент е подготвена да преземе и дополнителни активности кои ќе ги побара ДИК во функција на прочистување на избирачкиот список за изборите на 24 април.
Соговорниците разговараа и за процесот за унапредување на медиумскиот амбиент. Претседателот на Владата за спроведување на изборите Димитриев ја истакна владината позиција дека постоечкиот закон кој ја регулира оваа сфера и кој е изработен во соработка со Европската Комисија е добар. Димитриев истакна дека доколку партиите се согласат на промена на овој закон, тогаш за Владата е прифатливо да се прифати било кој закон од оваа сфера кој постои во било која земја членка на Европската Унија.
Тој истакна и дека во функција на унапредување на амбиентот за изборите на 24 април, веќе има испратено изјава и инструкција до сите носители на јавни функции во која се потенцира значајноста и неприкосновеноста на правото на слободно гласање.
На средбата со г-днот Шпинделегер стана збор за предизвиците во врска со мигрантската криза и можностите и начините за надминување на истите.
Беше констатирано дека за менаџирање на овие состојби е потребен координиран одговор на меѓународната заедница особено на земјите кои чувствуваат најголем притисок и засегнатост од истата.
Премиерот за спроведување на изборите ги истакна активностите кои Република Македонија ги презема за третман на мигрантите и отвореноста за соработка со сите засегнати страни во процесот.
Генералниот директор Шпинделегер, истакнувајќи ја значајноста на улогата на Република Македонија во процесот на менаџирање на мигрантската криза извести дека согласно можностите и надлежностите на неговата организација постои отвореност за поддршка на сите земји кои се засегнати од овој предизвик.
Двете страни ќе продолжат во следниот период со комуникација и соработка по однос на оваа тема.