Честитка од премиерот Груевски по повод Денот на наставата на турски јазик

Почитувани припадници на турската заедница во Македонија,

Дозволете ми, Во името на Владата на Република Македонија и во свое лично име, да Ви го честитам 21 декември, Денот на наставата на турски јазик и да Ви посакам многу здравје, среќа, благосостојба и успеси во следната 2012 година. 

Јазикот е еден од основните елементи преку кои се изразуваат културните и национални особености, средство кое сплотува и ја определува заедницата. Во денешните процеси на меѓу културно поврзување, јазичните вредности што ги создава еден народ се несомнено дел од културниот плурализам, како во Македонија, така и на светско ниво. Со можноста која ја има турската етничка заедница во Македонија, но и другите заедници во државата, да се образуваат, творат и напредуваат на својот мајчин јазик, ние не само што ги унапредуваме ваквите вредности, туку моделираме и демократски концепт која е препознатлив, поздравен, почитуван и вреднуван и во светски рамки. 

Честитајќи Ви го празникот, дозволете ми да ги изразам определбите на Владата на Република Македонија за постојано инвестирање во културните и интелектуалните капацитети на граѓаните без разлика на нивната национална, верска или етничка припадност, со што ќе се унапреди капацитетот на државата за нови достигнувања и нови успеси во сите полиња од наш заеднички интерес. На тој пат, очекувам голем придонес и активно учество на сите припадници на турската заедница во Македонија, затоа што нашите заеднички заложби, труд и посветеност, ја определуваат иднината на нашите деца и напредокот на нашата земја. Заедно и сплотени да продолжиме со активностите за обезбедување на економски раст и развој и подобрување на стандардот на граѓаните, да работиме на реформи и модернизација од кои ќе имаат придобивки сите граѓани, да ги унапредуваме образованието, културата, здравството и сите останати јавни дејности, и да продолжиме да чекориме кон евроатланските и европски интеграции, со цел изградба на силна, модерна и развиена Република Македонија.

Срдечно Ве поздравувам и Ви го честитам 21 декември - Денот на настава на турски јазик.

Со почит,

 

Никола ГРУЕВСКИ