Коњановски: Откупот на тутунот без проблеми, задоволни и производителите и компаниите
Нема проблеми при откупот на тутунот. Досега се преземени речиси 20 проценти од реколтата тешка околу 18.000 тони, а исплатата се одвива непречено, согласно договорите. Од целиот процес, но и од квалитетот на родот се задоволни двете страни, и производителите и компаниите, констатира заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњаноски кој денеска во придружба на претставници од Државниот земјоделски инспекторат ги посети откупните пунктови во Прилеп.
Моментно се отворени околу 180 откупни места на осум компании. Просечната цена достигнува 170 денари за килограм.
- Задоволни сме од текот на откупот. Ова што денеска можев да го видам во прилепскиот Тутунски комбинат ме охрабрува. Сметам дека се создаде добар однос во процесот на откупот и ние ќе продолжиме да го градиме тој однос, рече Коњановски.
Целта на Министерството е, нагласи, да има добар производ со добар квалитет, но и откупувачите редовно да го исплаќаат тутунот.
Според директорот на Инспекторатот Румен Стаменов кој вчера ја посети Струмица, производителите немаат посебни забелешки за откупот.
- Секогаш е можно да има недоразбирање, тутунарите да бараат повеќе, а откупувачите да оспоруваат. За тоа имаме второстепена комисија која треба таквите случаи да ги решава во рок од три дена. Ако лани имаше закочени откупни процеси, годинава имаше само два случаја што е минорно и нормално. Досега се откупени 2.700 тони од кои само во Прилепско 1.500 тони тутун. Просечната цена е 157,78 денари за килограм, соопшти Стаменов.
Ниту една откупна компанија не може да зема тутун доколку нема средства за исплата. -Рокот за исплата е различен кај компаниите зависно од договорот со кооперантите, но едно е јасно, ниту една компанија не почна со откуп пред да покаже банкарска гаранција, дециден е Стаменов.
Претстедателот на Сојузот на земјоделците Данчо Милески потврди дека е надминат проблемот со оспорувањето тутун од една компанија што се случуваше деновиве. Тој информира и дека предлогот за измени во Законот за тутун кој предвидува сите да учествуваат во креирањето на цената, е доставено до ресорното Министерство, а со тоа е запознаен и премиерот.
- Пред истекот на откупот ќе се состане налдежната комисија составена од Министерството, науката и претставници на Сојузот. Сите ќе учествуваме во креирањето на цените, рече Милески.
Утре напладне во Министерството за земјоделство претставниците на Сојузот ќе се сретнат со откупувачите. На маса ќе бидат предлозите за надминување на секое евентуално недоразбирање при откупот.
Одговорајќи на новинарски прашања, заменик министерот Коњановски потенцира дека Кина е заинтересирана за македонскиот тутун.
- Меморандумот што беше составен од двете страни веќе е испратен на потпишување во Народна Република Кина. Нашиот амбасадор Оливер Шамбевски е овластен да го потпише тој договор. Мислиме дека со овој и со вакви слични договори многу ќе се придонесе за порелаксиран пазар, домашното производство да го пласираме надвор, рече Коњановски.
Во врска со субвенционирањето, Коњаноски најави дека се можни одредени модификации при распределбата ако се утврди дека е потребно.
- Оваа година како никогаш досега поддршката за земјоделците ќе биде 130 милиони евра. Можно е Владата да предложи извесна модификација на субвенциите, но во секој случај основата е таа и тие се средствата. Со анализа сигурно ќе дојдеме до одредени показатели дали некаде ќе треба да додадеме, а некаде сме го постигнале саканото. Во секој случај, преку субвенционирањето ќе ја дизајнираме политиката во земјоделството, објасни Коњановски.