Германската STS Textiles инвестира во Демир Хисар, над 1000 вработувања
Германската текстилна компанија STS Textiles денеска најави браунфилд инвестиција во Демир Хисар. Во капацитетите на поранешна „Застава“ првично ќе вложи четири милиони евра и ќе отвори 150 работни места. Плановите на компанијата, според сопственикот Маркус Туч, се бројот на вработени долгорочно да достигне 1000.
- Ние сме високо технолошка компанија од текстилната индустрија. Македонија е второто место каде ќе имаме производство. Посетивме неколку држави, Холандија, Бугарија, Романија и Македонија, но по напорите што ги вложи македонскиот тим одлучивме да инвестираме тука, изјави Туч.
Новата компанија во Македонија, најави, ќе биде регистрирана во текот на следната недела по што почнуваат конкретни активности за неколку месеци.
- Ќе почнеме со вработување на 150 лица, а во текот на наредните години ќе се вработат над илјада лица. Сакаме да им понудиме на жителите во Демир Хисар и околината да се пријават за вработување, посочи Туч.
Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски потенцира дека STS Textiles е високо технолошка компанија која лани од германскиот магазин „Менаџер“ е прогласена за најиновативна компанија во оваа дејност во Германија. Влезот на СТС Textiles на македонскиот пазар, според Пешевски, ќе овозможи директни и индиректни вработувања, воведување нови технологии, трансфер на знаења и вештини на локалното население, развој на демирхисарскиот регион и намалување на невработеноста.
- За граѓаните на Демир Хисар по подолго време ова ќе значи конечно отворање нови перспективи во поголем износ. Претходните инвестиции помогнаа, но со оваа инвестиција ќе се постигне драматично намалување на невработеноста во општината, иако овој тренд беше позитивен и во изминатите години. Согласно статистиките бројот на невработени во општина Демир Хисар континуирано се намалува, но мислиме дека со инвестицијата на СТС Textiles оваа цифра конечно ќе стане многу ниска и оти општина Демир Хисар од неразвиена постепено ќе се приклучи кон се поголемиот број општини со ниска стапка на невработеност, рече Пешевски.
Климент Шекеровски, заменик-директор на Агенцијата за привлекување странски инвестиции и учесник во преговорите за инвестицијата, нагласи дека вложиле многу труд и време да го убедат менаџментот на компанијата дека Макеоднија е добар избор за нив и оти Владата и општината ќе бидат нивен партнер којшто целосно ги поддржува во реализација на инвестицијата.
- По влезот на руски „Гришко“ во 2013 година, уште еден странски инвеститор ги препозна одличните бизнис услови што ги нуди овој регион и одлучи да реализира нова браунфилд инвестиција која ќе отвори нови перспективи и можности за вработување на локалното население, наведе Шекеровски.
Очекувања за економски развој на демирхисарскиот регион од новата инвестиција изнесе градоначалникот на Демир Хисар Љупчо Блажевски. - По паузата создадена како последица на мрачните транзициски години повторно ќе се запалат светилките на производствените погонеи на поранешна „Застава“ во Демир Хисар. Во изминатиот период нашиот потврден германски бизнис партнер СТС Textiles развиваше проектна идеја и бизнис план за инсталирање производствена технологија што ќе обезбеди нови вработувања, рече Блажевски.
На објавувањето на инвестицијата присуствуваа и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и министерот за странски инвестиции Џери Наумоф.