Преку проектот „Домашна визита“ досега посетени 118.684 лица
Во рамки на проектот „Домашна визита“ кој опфаќа превентивни здравствени прегледи со цел зголемување на грижата за постарите и изнемоштени лица и дополнително приближување на здравствената заштита до оваа категорија граѓани, од ноември 2013 година, кога почна неговото спроведување, досега, патронажните тимови во седум последователни бранови посетиле 118.684 лица во нивните домови.
Станува збор за eден од поважните проекти во делот на превентивата за вршење превентивни прегледи со цел навремено дијагностицирање болести, како и полесно лекување и излекување на оние на кои ќе им биде дијагностицирано определно заболување.
Министерот за здравство Никола Тодоров денеска на прес-конференција рече дека во рамки на седмиот бран, кој сега е во тек, а е започнат во ноември 2015 година, се посетени 40.455 лица во нивните домови од кои 20.000 лица се од Скопје.
Појасни дека за овој период за нешто повеќе од стотина дена, во Скопје се посетени 20.000 лица, што значи над 200 лица дневно, а во целата држава се реализирани околу 5.000 посети месечно или во целата држава во рамки на овој проект дневно се посетуваат околу 160 лица.
- Во рамки на овие посети се детектирани заболувања кои претходно не биле детектирани. Најчесто се детектира зголемен крвен притисок, зголемената гликемија. Од два, три, па до пет проценти кај посетените се детектирани заболувања за кои тие не биле свесни и кои не биле третирани. Карактеристично за овој проект е тоа што кај 7 до 10 проценти од посетените е констатирано дека не се приддржуваат до терапијата која им е дадена од страна на докторите и како резултат на тоа или на непридржување до режимот кој им е наметнат, се појавуваат определени потешкотии и влошена здравствена состојба, рече Тодоров.
Констатирано е, нагласи министерот, дека и покрај тоа што знаеле дека имаат шеќер во крвта и им се дадени совети од страна на доктор, кои лекарства треба да ги земаат и како да се хранат, не се придржувале и имаат нерегулирано ниво на шеќер во крв или нерегулиран крвен притисок.
Според него, и едното и другото е сериозна здравствена состојба која може да доведе до уште посериозни здравствени потешкотии. Затоа, истакна Тодоров, овие превентивни прегледи имаат сериозен ефект затоа што патронажните тимови даваат совети, кажуваат кои се последиците и на тој начин идејата е да се намали бројот на оние пациенти кои не се придржуваат до препишаната терапија и го ставаат во опасност сопственото здравје.
- Во сите седум бранови на посети се вклучени 300 патронажни тимови. Станува збор за една многу моќна превентивна алатка која е препорачана од Светската здравствена организација, затоа што со посетите кои ги правиме во домовите на пациентите превенираме сериозни здравствени состојба или влошување на нивната здравствена состојба. Најстариот посетен жител е во Скопје и има 96 години, во Охрид најстариот посетен жител има 88 години, во Прилеп-86, во Штип-90 години, во Тетово-93 години, во Куманово-85 години итн., додаде Тодоров.