Конкурс за стипендирање магистерски и докторски студии за наставниците во државните училишта
Министерството за образование и наука првпат објави Конкурс за доделување стипендии на наставници од државните основни и средни училишта кои ќе запишат магистерски или докторски студии на некој од најдобрите 200 универзитети во светот од областа на образованието, кои се на ранг-листата на Шангајскиот Џиао Тонг Универзитет или на листата на Quacquarelli Symonds (QS) од Велика Британија.
За новата мерка која неодамна ја најави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски денеска информираше дека огласот е веќе објавен на веб-страницата на МОН и заинтересираните наставници кои ги исполнуваат условите може да аплицираат за стипендија за 2016/2017 до 1 септември годинава.
Владата, преку Министерството за образование и наука, во целост ќе им ги покрие трошоците за студирање, кои вклучуваат надомест на уписнината во висина од најмногу 40.000 американски долари на годишно ниво, месечен паричен надомест и еден повратен авионски билет.
- Ова е многу значајна мерка и стимулација за наставниот кадар во Република Македонија. Огласот ќе трае до 1 септември 2016, соодветно на почетокот на академската година и можностите за студирање на наставниците. Значајно е да се потенцира дека со последните законски измени што ги направи МОН, се гарантира работното место на наставникот кој ќе се запише на еден од овие универзитети. Во периодот додека тој ќе биде на студии, неговото работно место ќе биде во мирување, а по дооформувањето на образованието тој ќе се врати во Македонија и ќе треба да работи во областа на образованието двојно за периодот за кој бил стипендиран, изјави Ристовски.
Апелираше заинтересираните наставници од основните и од средните училишта да ја искористат можноста која, како што рече, е конкретен придонес на Владата кон подобрување на нивниот статус преку професионална надградба што, пак, ќе придонесе за подигнување на нивото на квалитетот на образованието.