Од октомври директна авиолинија Скопје-Доха
Авиокомпанијата „Катар ервејс“ најавува директна авиолинија Скопје-Доха од октомври годинава. Официјален допис за новиот лет авиокомпанијата доставила вчера до македонското Министерство за транспорт и врски.
Ресорниот министер Владо Мисајловски денеска изјави дека деталите за летот ќе ги промовира авиокомпанијата и оти очекува од октомври да се реализира најавата.
- Сакам да се заблагодарам на амбасадорот на Катар и на сите со кои соработувавме во последните месеци, што веднаш ги прифатија барањата, изјави денеска ресорниот министер Владо Мисајловски. Тој додаде дека за воспоставувањето на летот значајна била средбата што ја остварил при посетата на Катар претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски кога биле договорени основните работи.
Веќе од октомври очекувам да имаме директен лет Скопје - Доха, рече Мисајловски, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција во Градежната комора при Сојузот на стопански комори.
Со летот на релација Скопје-Доха, како и новите авиолинии кон Братислава, Берлин, Копенхаген и Прага, наведе Мисајловски, Македонија ќе биде поврзана со 35 дестинации. - Постојано се зголемуваат авиолиниите, што е особено важно за економијата и за туризмот, но ќе има уште. Има доста преговори со други држави, ќе продолжам да ги договорам овие работи, да ги стимулирам да дојдат во Македонија. Многу е важно што се задоволни сите, и концесионерот ТАВ, и „Виз ер“ и другите компании. Се зголемува бројот на патници и на туристи. Тоа го претставуваме на сите и веќе има резултати, изјави Мисајловски.