Истекува мерката за вработување млади до 29 години, досега вработени над 12 илјади
Заменик-министерот за труд и социјална политика Диме Спасов денеска ја посети чевларската фирма „Тушевски“ во Куманово која ангажира 180 вработени, од кои 57 се млади лица вработени лани и во тековната година. Спасов,заедно со пратеникот Зоран Ѓорѓиевски, преставници од државни институции ја посети фирмата за да се види дали таа користи мерки, колкава е досегашната соработка со кумановскиот центар за вработување, како се реализираат мерките и дали помагаат во проширување на дејноста на фирмата и зголемувањето на бројот на работни места.
- Како што не информираше сопственикот, тие се наш долгогодишен партнер и долги години ги користат поволностите кои ги нуди Владата на Република Македонија за отварање нови работни места. Има учествувано во повеќе мерки и проекти за вработување од обуки до мерката вработување млади лица до 29 години, изјави Спасов.
Тој потсети дека мерката започнала да се реализира во март 2014 година. Со проектот за вработување млади лица до 29 години, потенцираше Спасов, започнала и иницијативата за воведување на проектот „Македонија вработува“.
- Оваа мерка за вработување млади лица до 29 години со значително ослободување на трошоците кои ги имаат работодавачите, приватните компании за отворање нови работни места, односно ослободување од дури 37 проценти од бруто платата за отплаќање придонеси за секое нововработено младо лице до 29 години, цели 12 месеци со обврска да ги задржат на работа дополнително 12 месеци, изјави Спасов.
Додаде дека мерката во голема мера им помага на компаниите за проширување на бизнисот и за зголемување на работните места.
- Оваа мерка завршува денеска. После две години слободно можам да кажам дека ја постигна својата цел, дека е една од најупсешните мерки кои ја имаме реализирано како МТСП и преку Агенцијата за вработување. Мерката за вработување на млади до овој момент вроди со цели 12.160 вработувања, изјави Спасов.
Од друга страна, додаде, преку мерката им се помага и на огромен број компаниите да заштедат средства и да вработат млади лица.
- Проектот „Македонија вработува“ се уште е во примена, некаде до 15 април кога и завршува. Би сакал да ги поттикнам сите приватни компании да ги искористат големите можности, да аплицираат за овој проект и да помогнат во намалување на невработеноста, изјави Спасов.
Тој потенцираше дека овие два проекти во голема мера влијаа врз намалување на невработеноста во Република Македонија. Како што наведе, Спасов заклучно со четвртиот кваратал невработеноста изнесува 24,6 проценти.
- Големо намалување од 2014 до 2015 за цели 3 проценти ако на крајот на 2014-тата, невработеноста беше 27,6 проценти, сега веќе изнесува 24,6 проценти што е уште еден успех и е резултат на политиките на Владата на РМ за намалување на невработеноста во нашата држава и креирање нови работни места, изјави Спасов.
Пратеникот Зоран Ѓорѓиевски истакна дека задача на кумановските политичари е да работат на намалување на невработеноста во градот.
- Куманово важи за чевларски бренд во Македонија и пошироко, така што мерките кои Владата ги дава за локалните стопанственици, дојдовме да ја чуеме и другата страна, искуствата на стопанствениците во примената на овие мерки и нивните сугестии за подорбување на соработката меѓу Владата и стопанствениците и нивните идеи за да оваа соработка биде многу поефикасна во смисла на вработување на млади луѓе за да намали стапката на невработеност, изјави пратеникот Ѓорѓиевски.
Сопстевникот на компанијата Ерик Тушевски нагласи дека компанијата користи и успешно ги преименува мерките на Владата и на МТСП .
- Во текот на изминатата година и во оваа година имаме вработено 57 лица млади до 29 години. Сега имаме конструирано план за вработување на 10 лица преку мерката за поддршка на брзорастечки фирми-газели, изјави Тушевски.
Компанијата ги извезува производите на германскиот пазар за познат бренд. Сопственикот се надева на проширување на работата, по што ќе се зголеми и бројот на вработените. Тој апелираше до бизнисмените да ги користат мерките за вработување кои, како што рече, носат бенефит и за компаниите и влијаат на намалување на невработеноста во општината.