Нови тимови, возила и повисоки плати за Итната медицинска помош

Нови тимови, возила и повисоки плати за докторите од Итната медицинска помош во Скопје, најави денеска министерот за здравство Никола Тодоров при посетата на базата на Итната медицинска помош во Поликлиника „Букурешт“.

- Од овој месец Итната медицинска помош во Скопје има нови и повеќе тимови, како и повисока плата за докторите, а во тек е и набавка на нови 12 возила. Отворањето на тој тендер е на 5 април и очекувам до крај на јули да имаме нови возила за Итната медицинска помош, изјави Тодоров.

Со тоа, продолжи тој, Итната медицинска помош во Скопје ќе има двојно поголем број на тимови и двојно поголем број на возила, повисока плата за докторите и можност на докторите за специјализација.

Тодоров, посочи дека откако започнал со работа новиот пункт во Петровец времето на одговор на Итната медицинска помош таму и во целиот тој регион е намалено на пет до десет минути.

- Отпочна со работа пунктот во Петровец и веќе ги гледаме резултатите. Ако време на одговор во Петровец беше од 20 до 30 минути на повик, сега времето на одговор во Петровец и целиот тој регион е од пет до десет минути на повик, истакна Тодоров.

Тоа е значајно, потсети тој, бидејќи тука е и автопатот, па многу често кога има сообраќајки екипи требаше да тргнат од пунктот во поликлинката „Букурешт“, што значи некогаш и над 30 минути за да се стигне до местото на несреќата. Сега тоа време од 30 минути е намалено на пет до десет минути со пунктот во Петровец.

- Од 30 на пет до десет минути е сериозно намалување на времето потребно за одговор на повик. Тоа од друга страна помага да го намалиме времето за одговор и во Скопје. Порано ако имавме повик од Петровец, екипа од Скопје требаше да отиде таму, што значи една екипа помалку во Карпош, Аеродром или Центар, рече тој.

Според Тодоров со новите пунктови што се планираат во Сарај и Чучер-Сандево се очекува и во тие области значително намалување на времето на одговор за повик како и во Петровец.