Спасов: Преку „Македонија вработува“ вработени 15.900 лица
Проектот „Македонија вработува“ даде исклучително добри резултати, преку него досега се отворени 15.900 работни места за период помалку од една година, оцени заменик министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Потсети дека проектот почна да се спроведува кон средината на април минатата година, а ќе трае до 15 април оваа година и апелираше заинтересираните да го искористат периодот до неговото завршување да аплицираат за поволностите што ги нуди.
- Целта на проектот беше да се помогне на повеќе групи невработени лица кои се помалку конкурентни на пазарот на труд преку низа поволности да станат поконкурентни, со тоа да ги мотивираме приватните компании коишто доколку вработат одредено невработено лице преку овој проект ќе заштедат поголеми средства и на тој начин да го забрзаме процесот на отворање нови работни места, истакна Спасов.
Информира дека поволностите што ги нуди проектот „Македонија вработува“ се ослободување од персонален данок и ослободување од плаќање социјални придонеси. Зависно од која категорија на невработени лица ќе бидат вработени ослободувањето може да изнесува од 27 до 37 проценти до просечна бруто-плата во период од три до пет години, а за оние највозрасните до нивното пензионирање. Според Спасов, досега овој проект им помогнал на над 8.700 компании да отворат нови вкупно 15.900 работни места.
- Интересно е да се спомене што од овие 8.700 дури 7.700 компании се мали компании со до 10 вработени, што значи точно ја погоди целта овој проект бидејќи им помогна на најмалите компании да растат, да се развиваат и да го прошират бројот на свои вработени, вели заменик министерот.
Според него, најголемиот успех на Владата на Република Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ во изминатите 10 години е падот на невработеноста и креирањето нови работни места.
- Ако во 2006 ја затекнавме ситуацијата со над 38 проценти невработеност, заклучно со последниот квартал од минатата година невработеноста во РМ падна на 24,6 проценти што е огромен пад за период од 10 години. Секако дека е се уште висок и дека треба да продолжиме со политиките коишто даваат резултат за континуирано да продолжи падот на невработеноста. Меѓутоа, во овој период од 10 години се отворени над 150.000 работни места, истакна Спасов во интервју за Радио Слободна Македонија.
Додаде дека зголемувањето на вработеноста во Македонија покрај со проектот „Македонија вработува“ е овозможено и со други мерки, како мерката за вработување млади лица до 29 години, која била иницијатор на мерката „Македонија вработува“.
- Таа мерка започнавме да ја реализираме во март 2014, заврши овој март оваа година, беше во примена две години како системска мерка. Со законски измени овозможивме ослободување на компаниите од плаќање на придонеси и персонален данок за млади лица коишто ќе ги вработат во период од една година и преку оваа мерка се реализираа над 12.180 вработувања, што исто така е една голема бројка на вработување постигнати во период од две години само за младите лица до 29 години. Тука се и активните мерки и политики за вработување коишто се дел од оперативните планови коишто ги носи Владата на годишно ниво, а сме започнале со нивна реализација од 2007 година. Од прилика околу 10 милиони евра се реализираа за активни мерки и политики за вработување преку директни грантови за самовработување од 3.000 евра, преку мерки за субвенционирано вработување преку коишто државата плаќа дел од платата во определен временски период – од шест до 12 месеци за секое вработено лице до мерките за практиканство и за обука за побарувани вештини на пазарот на труд преку коишто изминатите години се отворени околу 34.000 работни места, вели Спасов.
Информира дека за оваа година се обезбедени 11.5 милиони евра само за активни мерки и политики за вработување и додаде деека очекува уште околу 8.000 работни места да се отворат преку овие директни субвенции на приватните компании.