Од утре ново намалување на цените на лековите
Од утре стапуваат на сила новите намалени цени на 165 лекови (оргинатори и генерички лекови). Станува збор за деветто по ред намалување на цените на лековите согласно методологијата на Министерството за здравство и Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Македонија. Вкупната заштеда од ова намалување на цените на лековите е над 653.000 евра.
Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека досега со осумте претходни намалувања на цените на лековите заштедени се над 33 милиони евра во здравствениот систем. Дел од тие средства, посочи, се заштедени од страна на јавните здравствени установи и здравството генерално како сектор, а дел се заштеда на граѓаните преку намалување на цените на лековите во аптеките.
- Оваа системска мерка која ја имаме воведено како Влада ќе продолжи да се имплементира и во наредниот период, што значи дека во октомври ќе следи и нова ревизија, а се надевам и ново десетто по ред намалување на цените на лековите, истакна Тодоров.
Појасни дека малопродажната цена на лекот панцеф се намалува за 38,10 проценти односно од 1.229 денари на 761 денар, што ќе овозможи сериозна годишна заштеда од околу 480.000 евра.
Директорката на Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Македонија, Марија Дарковска Серафимовска рече дека повеќето лекови континуирано се намалуваат повеќекратно, а некои од нив континуирано во сите девет фази на ревизија на цените.
Од анализите што ги направи Агенцијата за лекови, потенцира таа, најголемо намалување на цените на генеричките лекови бележат во 2014 година кога се намалени цените на 602 лека.
Нагласи дека со ова деветто намалување на цените се опфатени рамиприл и валсартан, лекови за третман на висок крвен притисок кои пациентите ги земаат во аптеките. Цената на рамиприл е намалена за 50 отсто, а на валсартан за 40 отсто.
- Намалување на цената за 15 отсто има и кај хиконцил, тоа е амоксицилин по генеричко име, значи антибиотик. Има големо намалување на цената кај лековите мирзатен и велафакс кои се користат за третман на депресија. Што се однесува до болничките лекови има намалување на цената на флударабин (за третман на хронична леукемија), топотекан (за третман на карцином на јајници и грло на матка), ликсумиа (раствор за инјектирање за дијабетес мелитус тип 2). Се намалува и цената на сандостатин лар (хормон за раст), еилеа (лек за макуларна дегенерација во офталмологијата)..., додаде Дарковска Серафимовска.
Со ова деветто по ред намалување на цените на лековите од 2012 година, досега се опфатени над 4.800 лека, чија цена е намалена два или повеќе пати. Вкупната заштеда со тоа е над 33 милиони евра.