Спасов: Четири нови мерки за вработување
Заменик министерот за труд и социјална политика Диме Спасов денеска на трибината во организација на Институтот „Павел Шатев“ најави дека во текот на оваа година ќе следат многу новитети во однос на мерки за вработување кои се реализираат преку Агенцијата за вработување.
Тој рече дека следната недела ќе бидат објавени два нови огласа, а веќе денеска е објавен оглас за четири мерки за вработување.
- Станува збор за три различни видови обуки и една мерка, која што е нова и е во форма на грант, неповратни финансиски средства за приватните компании и невработените лица. Овие мерки се објавени денес во дневните весници и на веб-станата на Агенцијата за вработување, рече Спасов.
Тој ги повика сите невработени лица да аплицираат на огласите коишто се објавени од страна на АВРМ во зависност од нивниот интерес.
- Станува збор за обука од областа на приватното обезбедување која што ја реализираме во соработка со Комората за приватно обезбедување, потоа обука од областа на туризмот која што ја реализираме во соработка со Факултетот за туризам, обука за возачка дозвола од Ц и Е категорија. Ова е побарувано занимање на пазарот за труд, се повеќе се бараат лица коишто го поседуваат овој тип возачка дозвола и четвртата мерка е мобилност на работна сила. Станува збор за грант од 92.000 денари за компанијата и невработеното лице со цел да ги поттикнеме оние кои живеат во рурални населени места над 30 километри од работата која што им се нуди да ги покријат трошоците за превоз во форма на неповратен грант во износ од 92.000 денари. За овие мерки имаме обезбедено околу осум милиони денари, а ќе траат се до пополнување на планираниот број на лица, рече заменик министерот за труд и социјална политика.
За трите вида на обуки сите оние кои ќе го завршат процесот на обучување ќе добијат признат сертификат во нашата држава, којшто, додава Спасов, понатаму ќе им помогне многу во процесот на барање работа, а исто така ќе ја зголеми и нивната конкурентност на пазарот на труд.