Пуштена во употреба зградата на јавната администрација во Струмица
Во Струмица денеска беше пуштена во употреба зградата на јавната администрација, во која ќе бидат сместени подрачните одделенија на Управата за имотно-правни работи на УЈП, Агенцијата за катастар на недвижности и Управата за матична евиденција.
На свеченоста на која присуствуваше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Чавков, се обратија првите луѓе на Управата за имотно-правни работи и на УЈП.
- Поврзаноста на четирите важни државни институции значи многу за услугите кон граѓаните. Од наш аспект ќе се забрза процесот за приватизација на градежно земјиште тогаш кога е потребен доказ од Агенцијата за катастар на недвижности со кои сега службите се локациски поврзани, рече директорот на Управата за имотно-правни работи Зоран Крстановски, додавајќи дека ќе продолжат по принципот „нема погрешна врата“ во насока за целосна улужност кон граѓаните.
Директорот на УЈП Кирил Миновски рече дека новите простории ќе помогнат за поволно деловно опкружување.
- Ние промовираме нов концепт на услуги на државните институции за доближување на граѓаните и бизнисот за да создадеме поволно делено опкружување за раст и развој. На чекор поблиску сме до едношалтерски систем. Од аспект на УЈП воведуваме т.н. доброволно даночно усогласување за граѓаните и бизнисот на полесен начин да ги платат даноците, рече Миновски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Груевски рече дека овој проект за кој се потрошени околу 50 милиони денари е исполнување на ветувањата. Тој посочи дека поголемиот дел од стариот објект е урнат, направен е нов, а помал дел е реконструиран при се добиени 2.200 квадратни метри корисна површина.
- Ова ќе биде многу функционален објект. Ќе заживее стариот дел од градот кој малку беше замрен. Граѓаните ќе може на едно место да си ги остварат потребите и услугите, да не одат од едно место во друго во градот и да го трошат времето. Сите шалтери се сместени во приземјето за полесен пристап и на инвалидните лица. Се она што е потребно за секој граѓани или фирма се наоѓа на приземје. Ова е едно исполнување на ветување на Коалицијата за подобра Македонија, но и есетски убав објект кој ќе претставува еден од повпечатливите објеки во Струмица, рече по посетата претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски.
На обиколката во новите простории беше потенцирано дека објектот е завршен 45 дена пред предвиденото време. Во моментот течат тендерите за опремување на просториите и се очекува сите служби да се преместат таму во рок од два месеца. Зградата ќе биде во владение на Министерството за финансии. Градежните работи почнаа во август минатата година, а потрошени се речиси милион евра.
Струмичката јавна администрација е сместена во реконструиран објект на старата полициска станица.