Ристовски: Ангажман на 74 дефектолози во основните и 57 во средните училишта
Од планираните 131 дефектолог за ангажман во училиштата од 1 септември годинава, 74 ќе бидат во основно образование, а 57 во средно, информира денеска заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски.
Одлуката што е донесена минатата недела на редовна владина седница, како што појасни, важи за сите училишта што го известиле Министерството за образование и наука (МОН) дека имаат потреба од ваков кадар, заради тоа што имаат одреден број ученици со извесни посебни образовни потреби на кои им е неопходна соодветна стручна помош и поддршка за правилен развој и тек на образование.
Изборот на дефектолозите, нагласи Ристовски, ќе се реализира на транспарентен начин, преку јавни конкурси за вработување, кои ќе бидат етапно објавувани, со детални информации за условите и критериумите за аплицирање и обезбедување на соодветниот работен ангажман. МОН, како што наведе, веќе почнало со дистрибуција на согласностите до училиштата, а со оглед на тоа дека училиштата се децентрализирани, целокупната постапка за ангажирање ќе треба да ја реализира соодветната општина.
Ристовски потенцира дека на многу од средбите со граѓани едно од најкрупните барања на голем број родители било ангажирање дефектолози во основните и средните училишта од аспект за асистенција на учениците на кои им е неопходно поддршка од страна на дефектолог.
- Врз основа на тоа, МОН во изминатите неколку недели направи директни контакти со сите училишта во Македонија врз основа на податоците, односно бројот на ученици на кои им е потребна асистенција од дефектолог во која било форма се направи соодветна анализа која укажа дека има потреба од ангажирање 74 дефектолози во основно образование и 57 во средно образование, вкупно 131, изјави Ристовски, одговарајќи на новинарски прашања при учеството на едукативниот настан на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП).
Според Ристовски, во некои училишта има потреба од ангажирање еден дефектолог, во некои два, но има и такви каде ќе има потреба од тројца дефектолози.
- Соодветно на потребите на основните и средните училишта, МОН изготви анализа која беше доставена до Владата и до Министерството за финансии, одобрена е и соодветно на тоа од 1 септември очекуваме ангажман на 131 дефектолог на територија на цела Македонија за да одговориме на потребите на учениците, на родителите и секако на самите училишта. Истовремено, ќе го следиме овој процеси доколку се појави потреба од ангажирање дополнителни дефектолози, МОН ќе излезе во пресрет на барањата на граѓаните, изјави Ристовски.