Филхармонијата ќе се всели во новиот објект во јануари 2017 година
Концертната сала на Македонската филхармонија ќе биде отворена во почетокот на идната година, најави денеска министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска по посетата на објектот во кој ќе биде сместена најстарата национална музичка институција во Македонија.
Објектот има модерен изглед и архитектонски и акустични карактеристики по светски стандарди. Покрај двете сали (голема сала со 1041 места и мала сала со капацитет од 306 места), идниот дом на Филхармонијата ќе има и простории за вежбање и придружни и административни простории, сите функционално поврзани во три нивоа, голема влезна партија - главно фоаје, како и паркинг-места за вработените и паркиралиште за посетителите.
По обиколката на објектот, заедно со вработените во Филхармонијата и со уметници од други установи од културата, Канческа-Милевска истакна дека се работи за архитектонски уникатна градба.
- Радува што изградбата се движи согласно со динамиката и очекуваме во јануари 2017 година да биде отворен објектот и Македонската филхармонија да си влезе во сопствен дом кој долго го очекуваа. Доста време се работеше на кровната конструкција која е многу специфична и ваков покрив досега не е изграден во Македонија. Објектот плени и надворешно, и внатрешно. Сите програмски цели и барања на вработените во Филхармонијата се испочитувани, со што ќе понудат присуство на многу светски ансамбли кои ќе доаѓаат овде, изјави Канческа-Милевска, додавајќи дека за свеченото отворање Филхармонијата подготвува изненадување.
Соопшти дека се завршени сите инсталации и следна фаза е ентериерното уредување на објектот - подови, огради, акустика во големата и малата сала.
Таа посебно ја нагласи важноста на оваа инвестиција во збогатувањето на културната понуда за македонските граѓани и во подобрување на условите за работа на уметниците. Посочи и дека покрај големиот инфраструктурен проект за Филхармонијата, во институцијата има и многу вработувања (околу 50 од 2007) и зголемување на платите на музичарите за над 80 проценти.
Директорката на Македонската филхармонија Маја Чанаќевиќ истакна дека вработените се пресреќни што наскоро ќе се преселат од Дом на АРМ во нивниот нов дом, каде што ќе имаат услови во кои целосно ќе се посветат на создавањето музика.
- За неполна една година ние веќе, конечно, по 70 и нешто години, ќе имаме можност да работиме во соодветни услови. Ова е сала на Македонската филхармонија, пред се, но и на сите уметници во нашата држава и во светот. Кога се гради еден ваков објект, се гради со одредена намена, но културата е нешто што нема граници, таа е универзална и токму затоа концертната сала ќе биде наменета за нашите, но и за сите светски уметници, рече Чанаќевиќ.
Задоволство од привршувањето на градбата на Филхармонијата искажаа и нејзини колеги-музичари - диригентот Борјан Цанев, концерт-мајсторот Ана Кондратенко и оперскиот пејач Игор Дурловски.
Идејното решение за објектот е на архитектот Виктор Михајлов, а за внатрешноста и технолошкото моделирање од аспект на акустиката вклучен е Јорг Кумел, еден од попознатите акустичари во светот.
Камен-темелникот на новата Филхармонија беше поставен во 2009 година. Имаше застој во градежните работи поради раскинување на договорот со австриската компанија „Алпине Бау“ која отиде во стечај. Потоа Министерството за култура склучи договор со новите изведувачи Гранит АД – Скопје и Штрабаг АГ. Ентериерот на објектот чини 28 милиони евра, а целиот објект 35 милиони евра.