Ристовски: Акредитирани 18 лаборатории на факултетите
Во минатите два месеца седум лаборатории се комплетно акредитирани со околу сто нови методи. Со нив, вкупно 18 лаборатории се акредитирани, т.е. покрај научно-истражувачка имаат апликативна (практична) намена и може да ги користат компании за своите потреби.
Осумнаесетте лаборатории се меѓу 42 акредитабилни од вкупно 80 набавени лаборатории за универзитетите, преку проектот на Владата и Министерството за образование и наука.
Заменик-министерот Спиро Ристовски изјави дека останатите 24 акредитабилни се во завршна фаза на акредитација и се очекува процесот да го завршат во наредните шест месеци.
Акредитирањето на лабораториите значи и нивно комерцијализирање зашто услугите што ќе ги прават за заинтересираните клиенти се наплаќаат, а средствата се насочуваат во буџетот на универзитетите на кои лабораториите се инсталирани.
- Ова е посебно значајно затоа што големата инвестиција од над 25 милиони евра на Владата на РМ односно Министерството за образование и наука вродува со плод. Со акредитирањето на методите се овозможува отворање на целокупниот пазар за потребите на домашните, но и за регионалните компании да можат во Република Македонија да вршат извесни научно-истражувачки проекти, но истовремено и за комерцијални цели - за проверка на квалитетот на производите, рече Ристовски.
Нагласи и дека акредитирањето е значајно олеснување за македонската економија, зашто компаниите досега испитувањата мораше да ги прават во други лаборатории од регионот, со што им беа зголемени трошоците.
- На ваков начин се овозможува намалување на трошоците, а истовремено и Македонија да прерасне во регионален центар во кој и компании од другите држави ќе може да ги користат можностите на методите кои постојат во акредитираните лаборатории, додаде Ристовски. Апелираше до бизнис-заедницата во Македонија, но и во регионот, акредитираните методи на лабораториите да ги користат не само за научно-истражувачки цели, туку и за своите потреби.
Се работи за методи за најразлични области - од генетски до испитувања на прехранбени продукти. За да ги информира кои методи се достапни, МОН наредната недела на својата веб-страница (www.mon.gov.mk) ќе објави листа на сите акредитирани методи од 18-те акредитирани лаборатории.