Билети за новогодишни претстави за децата од домовите „11 Октомври“, „25 Мај“ и СОС-детското село

Децата од домовите „11 Октомври“, „25 Мај“ и од СОС-детското село добија вкупно 160 билети за новогодишни претстави во Македонскиот народен театар, Театарот за деца и младинци и за концерт на ансамблот „Танец“.

Влезниците им ги врачија министерката за култура Елизабета Канческа Милевска и директорите на трите национални установи Дејан Лилиќ, Драган Доблев и Зоран Џорлев.

Децата без родителска грижа ќе можат да го посетат вечерашниот концерт на „Танец“ во МОБ, претставата „Дедо Мраз од Марс“ во петок во МНТ и „Волшебната флејта“ на 29-ти во Тетарот за деца и младинци.

- Целта е овие деца да влезат во нашиот културен систем и да присуствуваат на претстави и манифестации што Министерството за култура ги поддржува преку нашите национални институции, рече министерката Канческа - Милевска.

По претставата што децата ја приредија за гостите во домот „11 Октомври“ министерката рече дека има многу таленти и затоа вратите на културните установи треба постојано да бидат отворени за нив.

Директорите понудија конкретни предлози за континуирано вклучување на овие деца во културниот живот во Македонија. Директорот на МНТ Лилиќ рече дека во секое време тие можат да дојдат на претстава, но и да го посетат театарот за да се запознаат како се прават претставите и што е театарска сцена.

- Видовме таленти кои работат професионално, учат големи текстови и знаат како да се однесуваат со публиката. Мислам дека од нив може да имаме идни актери, пејачи, танчари, рече Лилиќ.

Зоран Џорлев од „Танец“ предложи инструктор од нивниот ансамбл да ги посетува децата и да работи со нив на кореографии.