МОН најави бесплатно подучување ученици од студенти тутори
Учениците кои треба да го подобрат знаењето по одреден предмет може да бидат бесплатно подучувани од студенти волонтери кои ќе бидат внесени во базата на Интерактивниот портал за тутори. Министерството за образование и наука ќе го спроведува новиот проект од октомври.
Порталот за студенти-тутори е во подготовка. Тоа ќе биде платформа со податоци на студенти кои доброволно и бесплатно ќе им даваат дополнителни часови на основци од шесто до деветто одделение и на ученичци од средните училишта.
Проектот денеска на прес-конференција го најави заменик-министерот за обрзование и наука Спиро Ристовски. Рече дека заинтересираните студенти кои сакаат да подучуваат може да аплицираат во електронски систем на МОН кој е специјално изработен за оваа намена. Тој е сега во фаза на тестирање и се очекува да работи од септември, кога и ќе може да се пријавуваат потенцијалните тутори. Апликациите на студентите ќе бидат проверувани од посебна комисија.
- Тој ќе прерасне во база со студенти тутори, од каде преку директно логирање, родителите на учениците кои сметаат дека нивните деца имаат потреба од туторска поддршка, самостојно ќе ги избираат нивните подучувачи. Тоа од една страна ќе ја поттикне социјалната одговорност на самите студенти и ќе придонесе кон развој на нивните туторски, односно способности за подучување. Додека, од друга страна, сето тоа би резултирало со поголем степен на знаење кај учениците кои би биле подучувани од нив, рече Ристовски.
Бенефит од волонтерството ќе имаат студентите кои ќе придонесат во подобрувањето на успехот на ученикот за некој предмет. Доколку студентите тутори кај најмалку двајца ученици иницираат повисока оценка и резултати по соодветниот предмет во тековната година, споредено со минатата, ќе добијат дополнителни 10 поени при аплицирањето за студентски стипендии.
Студентот тутор ќе подучува во домот на ученикот, под надзор на негов родител или старател, со кого заедно ќе ги договораат термините за дополнителните часови.
Во условите за тутор е наведено дека треба да биде редовен студент со просечна оценка од минимум осум по предметот за кој се пријавува да подучува, да достави препорака од професор/и дека е подобен за тутор.
Студентите тутори ќе можат да се пријавуваат за одржување часови по одреден предмет или група предмети, но најмногу по четири предмети, односно најмногу за подучување четири ученици по еден предмет.