Мисајловски: Потпишани решенијата за 119-те социјални станови
Вкупно 119 добитници на социјални станови од Прилеп, Ресен и Демир Хисар конечно ќе ги добијат становите и процесот е завршен. Решенијата ќе им стигнат по пошта на сите добитници на социјални станови, потврдија денеска министрите за транспорт и врски и за социјална политика Владо Мисајловски и Диме Спасов и директорот на државното Акционерско друштво за стопанисување со станбен и деловен простор Цветко Грозданоски.
Тие во градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп им ја соопштија веста на добитниците на становите.
Од вкупниот број станови, 76 се во Прилеп, 25 во Демир Хисар и 18 во Ресен.
Министерот за транспорт и врски истакна дека со ова завршува голготата на овие граѓани кои добија социјални станови.
- На задоволство на сите, за еден ден се реши ова прашање. Истата комисија вчера ги потпиша записниците што значи дека се надмина опструкцијата од едно лице кое требаше да добие стан, а не ги исполнуваше условите. Сите граѓани кои се на конечната листа може да си ги добијат своите станови. Ова е важно прашање за социјално ранливите семејства од трите градови: Прилеп, Ресен и од Демир Хисар. Решенијата се потпишани и сите добитници ќе ги добијат по пошта во рок од 15 дена. Потоа тие ќе потпишат договор со Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор. Најважно е граѓаните да видат дека кога има координација меѓу министерствата, работата веднаш се завршува, истакна министерот Мисајловски.
Министерот за труд и социјална политика ја нагласи грижата за социјално ранливите граѓани со повеќе мерки, проекти и поволности, меѓу кои е изградбата на социјалните станови.
- Социјалните станови го решаваат едно од најважните прашања на овие категории ранливи семејства, а тоа значи ќе добијат свој дом. Добиваат свои домови во нови станови и згради што претставува големо задоволство, рече министерот Спасов.
Според директорот на државното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор, проблемот со доделувањето на становите експресно е завршен.
- Со ова се виде дека кој ја кочеше процедурата. Со вака донесената брза одлука семејствата ќе добијат свој стан. Кога ќе завршат роковите за жалба и кога ќе бидат правосилни решенијата, семејствата веднаш ќе ги добијат становите и ќе бидат склучени договорите, изјави Грозданов.
Претпријатието работи на изградба на околу 120 социјални станови и во Кочани, Македонски Брод и во Гостивар, а ќе почне изградба на уште три нови објекти со станови за социјално ранливите категории на граѓани.
Добитниците на социјални станови изразија задоволство што конечно завршила процедурата и што ќе дојдат до свој дом.
- Дојде време да дочекаме и да заврши процедурата. За брзо време ќе ги добиеме клучевите од становите. Тоа е многу убава вест. Со ова ќе го решам најголемиот проблем и ќе ги вдомам своите две малолетни деца, зашто досега живеевме под кирија, изјави Тони Атанасоски, добитник на социјален стан.