Тодоров ги посети Општата болница и Здравствениот дом во Кочани
Од почетокот на оваа година во Општата болница во Кочани е ставен во функција мамограф за рано дијагностицирање на рак на дојката. До почетокот на месецов прегледите на мамографот преку „МојТермин“ ги искористиле 500 пациенти од Кочани и соседните општини.
Ова го истакна министерот за здравство Никола Тодоров по денешната посета на Општата болница во Кочани. Тој рече дека планираат со „МојТермин“ бројот на прегледаните пациенти на мамографот до крајот на годината да достигне 1.000, а наредната година оваа бројка да се зголеми на 2.000 пациенти.
Посочи дека ставањето во функција на мамографот во болницата значи и намалување на времето на чекање кај пациентите, што е еден од условите тие да не заминуваат на лекување во Штип и Скопје.
Во делот на кадровската екипираност на Општата болница - Кочани Тодоров истакна дека за три години се вработени 60 здравствени работници, 16 лица здравствен персонал се на едукација во други болници, а 4 лекари се на специјализација.
За новиот оглас за кофинансирање во делот на специјализацијата Тодоров икстакна дека во Кочани засега се пријавиле двајца лекари за специјализација.
- Паралелно со ставањето во функција на новиот мамограф ставен е во функција и биохемиски анализатор во биохемиската лабораторија софистициран со поголема брзина капацитет и анализи кои претходно не се изработувани. Вкупната инвестиција на оваа опрема изнесува 22 милиони денари, додаде Тодоров, по што го посети и Здравствениот дом во Кочани.
Директорот на Здравствениот дом во Кочани, Иван Спанчевски изјави дека во таа јавна здравствена установа е набавено ново санитетско возило за потребите на Итната медициснска помош, вработени се тројца лекари во Итната медицинска помош, како и еден рурален доктор.