Раст од 70 проценти на амбулантските прегледи во детска болница „Козле“
Детската болница „Козле“ има за 70 проценти зголемен раст на амбулантските прегледи и за 35 отсто зголемен број на пациенти во хоспиталниот дел. За четири месеци во болницата досега поминати се над 15 илјади амбулантски пациенти, времето на чекање е намалено и во еден момент може да се направат над 100 анализи.
Ова беше посочено при денешнат апосета на министерот за здравство Никола Тодоров на Детската болница „Козле“.
- Ова се многу високо показатели од кои што може да се заклучи дека пациентите се повеќе ја одбираат болницата. Пред се поради одличните услови, но и одличниот персонал кој има големо искуство и работи со многу љубов и посветеност. Имаме болница со европски стандарди и одлични услови, рече Тодоров.
Посочи дека 70 проценти од персоналот од болницата веќе бил на повеќемесечна едукација во странство, во најголем дел во педијатриската болница „Бамбино Џезу“ во Ватикан.
- Имаме и едукации во други поголеми центри како што се педијатриските болници во Истанбул, Анкара, Љубљана и Загреб. Во делот на кадарот правиме сериозни чекори напред и овозможуваме постојано подобрување на нивото на квалитет на здравствените услуги кои се даваат во оваа здравствена установа, рече Тодоров.
Нагласи дека ова е една од првите здравствени установи што ги воведе пост терминалите за плаќање со картички, со што сериозно се намалуваат гужвите и турканиците на шалтерите.
Директорот на детска болница „Козле“ Оливер Зафировски рече, дека болницата има воведено и нови методи како видео графоскопија, сублигвална имуно терапија, полисомнографија и теле медицина.
- Тоа значи дека комунијацијата продолжува со колегите што ги стекнавме надвор од Македонија, што за нас е исклучително значајно бидејќи за сите потешки случаи можеме да направиме второ мислење и со тоа пациентот да добие точна дијагноза, рече Зафировски.
Посочи дека за четири месеци во болницата досега поминале над 15 илјади амбулантски пациенти, како и дека времето за чекање е намалено и во еден момент може да се направат над 100 анализи.