Спасов: 225 невработени ја почнаа обуката за дефицитарни занимања
Двеста дваесет и пет невработени лица посетуваат 20 различни обуки за побарувани занимања кај 15 сертифицирани приватни обучувачи во првата фаза на реализација на обуката за дефицитарни занимања барани на пазарот на труд кои ќе им овозможат полесно да најдат работа.
- Почнува првиот циклус од обуката за дефицитарни занимања преку која се градат вештините и знаењата кај невработените лица кои им се потребни на работодавачите. На тој начин се врши полесно поврзување на понудата со побарувачката на пазарот на труд и се зголемува и подобрува вработливоста на невработените лица, рече министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Информира дека до крајот на годината се очекува обуката да ја посетат 640 невработени лица.
- Ги повикувам сите заинтересирани лица кои сакаат да ги градат своите вештини да добијат сертификатити, квалитетна обука, да дојдат во центрите за вработување при АВРМ, да аплицираат на огласите кои се објавуваат и да ја искористат шансата за полесно да стигнат до посакуваното работно место, рече министерот Спасов.
За целосна реализација на обуката за дефицитарни занимања се обезбедени средства од 35 милиони денари.
- Притоа обучувачите добиваат износ од 30 илјади денари за да ја реализираат целосно обуката во која влегува и пракса 1 до 2 месеци во реални работни услови. Невработените кои учествуваат во обуката добиваат 6.200 денари надомест за покривање на трошиците за храна, превоз и осигурување, истакна Спасов, кој денеска беше во посета на Сојузот на стопански комори каде се спроведува обука за рецепционери.
На оваа обука учествуваат 10 лица а, како што рече Спасов, понатаму се разговарало за да се прошират обуките и со програмата за готвачи.
Митко Алексов, од Сојузот на стопански комори, истакна дека со обуката за рецепционер се продуцира кадар во областа на туризмот, нешто што, како што истакна, е на барање членките од туристичкиот и угостителскиот сектор во кој евидентно постои дефицит токму од ваков кадар.
- Туризмот е пропулзивна гранка која од година во година е во пораст. Минатата година имаше 14 илјади странски туристи повеќе од 2014, а очекуваме таа бројка да биде надмината годинава, иасто како и бројката на домашни туристи, истакна Алексов.
Обуката за дефицитарни занимања беше најавена пред два месеци. Невработените што ќе ја постуваат обуката ќе добијат сертификат и со тоа треба да им зголемат шансите за побрзо и полесно да дојдат до посакуваното работно место.