Градежни зафати и инвестиции во здравствените капацитети во Македонија
За 30 до 40 дена треба да биде пуштена во употреба здравствената инвестиција во Лабуништа. Инвестицискиот зафат чинел 10 милиони денари.
Се одвиваат реконструкции на општите болниците во Битола, Прилеп, Велес, „Свети Еразмо“ во Охрид, за три до четири недели се очекува да почне градбата на целосно нов објект во Куманово во кој ќе биде сместен ургентниот центар, а се чека и одобрение за градба за темелна реконструкција и обнова на Универзитетска клиника по хирушки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје. Ова вчера го изјави министерот за здравство Никола Тодоров.
- Во Лабуништа направивме нова котлара, нова изолација, имаме дополнителен дел за нови амбуланти заедно со нив и Итна помош. Здравствените услуги ќе им бидат од корист на 10 илјади жители од овој регион. Сметам дека за 30-40 дена сите активности ќе бидат завршени, рече Тодоров по вчерашната негова посета на Општата болница во Струмица заедно со претседателот на Владата, Емил Димитриев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Тодоров посочи дека во моментот се одвиваат реконструкциите на болниците во Битола и во Прилеп за што ќе бидат потрошени околу 180 милиони денари.
Во Битола, истакна министерот, правиме коплетна надворешна реконструкција на болницата, ставаме фасада и прозорци.
- За оваа намена одвоивме 107 милиони денари. Реконструкцијата почна лани и треба да биде готова до крајот на годината. Во Прилепската болница пак, правиме комплетна внатрешна реконструкција, за што ќе потрошиме 70 милиони денари. Пред неколку дена го пуштивме детското одделение, кое е прво реновирано, ќе продолжиме со сите останати, а во јули и со операционите сали. Кон крајот на август комплетно ќе заврши реконструкцијата на Прилепската болница, додаде министерот Тодоров.
Потенцира дека завршена е реконструкцијата на Охридската болница, а се одвива и реконструкцијата на болницата „Св.Еразмо“ која ќе чини 200 милиони денари. Во Велес со 18 милиони денари се реконструира внатрешен и надворешен дел на болницата, а во Куманово во тек се преработки на проектот поради урбанистички проблем, кои според Тодоров се при крај, и за три до четири недели очекува да почне градбата на целосно новиот објект во кој ќе биде сместен ургентниот центар.
- Направена е болницата во Тетово. Во болницата во Козле капацитетите се и над 100 отсто искористени кога станува збор за дневната болница. Персоналот во Козле го едуциравме во болницата „Бамбино џезо“ во Ватикан. Дури 70 проценти од кадарот се на едуакција во странство, додаде Тодоров.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски посочи дека вродиле со плод неговите посети на странски болници кога бил премиер на Република Македонија.
- Ова значи дека генерално се исплатеше што одев во болници низ Европа и САД. Се отворија многу врати, голем број медицински персонал отиде таму и народот има корист од тоа, има поквалификуван и со подобри вештини кадар кој дава подобра здравствена услуга, рече Груевски, додавајќи дека во иднина би требало македонските болници и факултети почесто да ги канат светски признатите експерти кои се прогласени за почесни професори во Македонија.
Според ресорниот министер, Македонија соработува со 52 болници од САД, Европа и Кина. Како резултат на соработката отворен е Центар за традиционална кинеска медицина во Штип.
- Во Штип работи Центарот за традиционална кинеска медицина. Планираме такви центри и во Скопје, во Битола или Охрид и во Тетово или Гостивар. Тоа функционира, завршија специјализациите. Има еден експерт од Кина во Штип, а чекаме уште четворица - тројца за традиционална и еден за хербална медицина, на која исто така обрнуваме внимание како антипод на конвенционалната фармација. И тоа полека се развива, посочи Тодоров.
Во делот на реконструкциите, Тодоров додаде дека чекаат одобрение за градба за темелна реконструкција и обнова на Универзитетска клиника по хирушки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје, каде поради староста на објектот заедно со ИЗИС се прават прецизни мерења на статиката за високостандардна безбедност. За 2018 година најави крупна инвестиција во Градската општа болница „8 Септември“ за реконструкција на надворешниот дел.