Промовирани еко-календар и прирачник за воспитувачи и наставници за 2012 година
Под наслов „Живеам во здрава планета“ денеска во Министерството за образование беа промовирани еко-календар и прирачник за воспитувачи и наставници за 2012 година, дел од програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“.
Еко-календарот и прирачникот кои содржат 12 еколошки теми ќе бидат дистрибуирани до сите воспитно-образовни институции и организациите кои се вклучени во програмата.
Оваа година еколошките пораки, според министерот за образование и наука Панче Кралев, имаат за цел да ја разбудат креативноста и да го поттикнат креативното размислување за еколошките проблеми со кои децата, учениците, наставниците и вработените се соочуваат во училиштето, градинката, домот, на работното место, но и пошироко.
- Покрај еколошки, календарите имаат и интер-дисциплинарен карактер бидејќи можат да се користат и како нагледно средство во воспитувањето и наставата по биологија, природни науки, ликовно, мајчин јазик и други предмети, истакна на денешната прес-конференција министерот Кралев.
Програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“ се имплементира трета година. Во учебната 2011/2012 е имплементирана во 51 детска градинка, 231 основни и 55 средни училишта преку интегрираното планирање во наставата и е дел од нивните годишни програми за работа.
- Главната цел на програмата е успешно спроведување на теоријата во дневната пракса при работа на градинките, основните и средните училишта со што би се влијаело на подигање на еколошката свест кај сегашните и идните генерации, на одржлив еколошки и финансиски развој и заштеди не само за воспитно-образовните институции, туку и на сите вклучени страни, рече Кралев.
Александра Младеновска Костиќ од Здружението на граѓани ОХО појасни дека календарот содржи 12 еколошки пораки кои соодветствуваат со одредени илустрации во кои главните ликови, момчето, девојчето и кучето, се поставени во различни еколошки ситуации и во конкретни акции проследени со еколошки пораки.
- Цртежите и пораките се направени во вид на цртан филм богати со ликови и интензивни бои со цел да се привлече вниманието на учениците, но и на наставниците. Од досегашното искуство се покажа дека овој календар е одличен медиум за пренесување еколошки пораки на многу брз и ефективен начин на сите деца истовремено. Се покажа дека наставниците овие календари ги користат двапати во неделата за обработка на најразлични наставни содржини, истакна Младеновска Костиќ.
За заменик раководителот на Швајцарската агенција за развој и соработка во Македонија, Кристина Колозова инфраструктурните проекти би имале помало значење доколку образовниот систем во својот пристап кон образование на учениците не го вклучи и еколошкото образование, бидејќи, како што рече, идните генерации мора да знаат во кои услови, како и кога мора да се заштитува животната средина.
Програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“ се спроведува согласно потпишаниот Меморандум за соработка помеѓу Министерството за образование и наука на Република Македонија и Швајцарската агенција за развој и соработка.