Вицепремиерот Ставревски се повлекува поради здравствени причини, Владата со огромна благодарност за неговата работа и придонес
Поради здравствени причини Зоран Ставревски поднесе оставка од позицијата вицепремиер и министер за финансии во Владата на Република Македонија.
- Здравствените проблеми со кои се соочувам и советите на лекарите упатуваат на тоа дека постои неопходност од подолго лекување и опоравување, заради што јас нема да сум во можност да ја обавувам функцијата министер за финансии и потпретседател на владата на Република Македонија", истакнува Зоран Ставрески, наведува во оставката.
Инаку, Ставрески е дел од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ од 2006-та година на позицијата потпретседател задолжен за економски прашања, а од 2009-та година и на позицијата министер за финансии. Тој со својата работаи постигнати резултати останува запаметен како еден од најуспешните македонски министри, кој со своите економски политики направи значителни достигнувања и суштински реформи кои државава ја ставија на мапата на меѓународните економски текови и процеси.
За време на министертувањето на Ставрески се постигнаа најзначајните и забележителни резултати во клучните области на економијата, намалување на невработеноста, привлекувањето на странски инвестиции, поддршка на домашната економијата, подигнување на стандардот на граѓаните.
- Ми беше задоволство да бидам дел од овој економски тим, кој со голем жар ентузијазам одготворност и посветеност работеше за Македонија и донесе резултати кои многу граѓани ги почувствуваа, тргнувајќи од сериозното намалување на невработеноста, значително подобрување на бизнис климата, високи растови на економијата и извозот, носењето на многу инвеститори и водењето здрави макроекономски и финансиски политики. Сето ова е остварено во исклучително тешки години на глобална финансиска криза, европска должничка криза, а еве речиси две години и домашна политичка криза, пишува Ставрески.
Тој во оставката се заблагодарува за плодната и професионална соработка со претходниот претседател на Владата Никола Груевски во чиј владин тим беше 9 години.
- Со него имав одлична соработка и голема поддршка. Заеднички со него и со другите колеги од Владата направивме економски резултати за Македонија како никогаш досега, признаени и потврдени од најзначајните меѓународни финансиски институции, истакнува Зоран Ставрески.
Тој се заблагодарува и за соработката на премиерот Емил Димитриев и останатите членови на Владата особено за доброто функционирање во услови на длабока политичка криза, како и на одличните односи и соработка со приватниот сектор, НБРМ и меѓународните институции.
Владиниот портпарол Александар Ѓоргиев во однос на оставката на Ставрески во име на Владата на РМ го изјави следново: - Заради лични здравствени причини, вицепремиерот Ставревски поднесе оставка на функцијата министер за финансии и вицепремиер на Владата, причините се наведени во текстот на неговата оставка и ние тоа го разбираме и почитуваме. Владата истакнува огромна благодарност до вицепремиерот Ставревски за неговата работа, за ангажманот и придонесот кој тој го оствари во реализација на владините мерки, програми, и политики, за што сведочат неговите постигнати извонредни резултати. Му посакуваме пред се добро здравје, и надминување на предизвиците со кој се соочува, а Владата секогаш ќе остане отворена за соработка со личност каква што е тој.