Отворен комплексот „Македонско село“
Компанијата „Тинекс“ вечерва свечено го отвори комплксот „Македонско село“ лоциран во село Нерези во близина на манастирот „Св. Пантелејмон“. Етно-комплексот има 12.000 метри квадратни и е изграден во стилот на традиционалната македонска архитектура. Има автентични куќи од различни краишта на Македонија со сместувачки капацитет за сто гости. Во состав на комплексот се хотел, ресторани и дополнителни содржини.
Со одлука на Владата, „Тинекс“ и хотел „Квинс“ - два субјекта кои се во сопственост на Владимир Тодоровиќ и неговото семејство, ќе стопанисуваат со комплексот „Македонско село“ во наредните 20 години. Постапката за избор на концесионерот ја спроведе владината Служба за општи и заеднички работи (СОЗР).
Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски на отворањето истакна дека „Македонско село“ е еден од покрупните камења во големиот мозаик што Владата го гради во изминатите 10 години за да направи успешна туристичка приказна. „Македонско село“, рече тој, им нуди на странските гости за кратко време на едно место да ја видат цела Македонија во мало, нејзината историја, традиција, архитектура, култура и да уживаат во гастрономијата и македонското вино.
- Ваков пример немаше досега во Република Македонија и добро е што со управување на овој комплекс се зафаќаат луѓе кои се докажале како успешни во речиси се што досега правеле во животот. Сметам дека е тоа доволно силна гаранција, рече Пешевски на отворањето на комплексот на кое присуствуваше и претседателот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски во чиј мандат како претседател на Владата почна да се реализира овој проект.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека се работи за исклучително значаен проект во функција на промоција и афирмација на богатата македонска културна ризница бидејќи, покрај одмор на падините на Водно, „Македонско село“ е и музејска поставка на предмети, носии, сувенири, презентација на стари занаети и обичаи.
- Етнот-селото е своевиден повик за разоткривање на богатата традиција на нашата земја, водич за сите што доаѓаат во Македонија. Уверена сум дека етно-селото ќе има големи придобивки во контекст на туристичката промоција на нашата земја, на културниот туризам кој во последните години бележи навистина одлични резултати и посетеност на голем број туристи од целиот свет, а верувам дека работата на овој комплекс ќе има и голема економска оправданост и бенефит, рече Канческа-Милевска.
Цветанка Христовска, бренд-менаџер на „Тинекс“, посочи дека нивна визија е „Македонско село“ да понуди врвна услуга, пријатен престој и незаборавно искуство со уникатни содржини низ кои се промовира македонската култура.
- Чест и задоволство, а истовремено и голем предизвик е што ја имаме можноста да стопанисуваме со овој уникатен комплекс каде секојдневно ќе се раскажува македонската приказна, истакна Христовска.
Лела Крстевска, директор на Агенцијата за промоција на туризмот, рече дека ќе се погрижат да ја поддржат работата на „Македонско село“ со тоа што ќе го нудат во своите промотивни брошури и ќе го претставуваат на туристичките саеми.
- Минатата година безмалку половина милион странски туристи ја посетиле Македонија и, за жал, немаа можност да го видат ова што денеска ние го гледаме. Овој прекрасен комплекс ќе значи збогатување на понудата на македонскиот туристички производ, со кој ќе се гордееме на сите саеми и манифестации каде што Македонија се претставува како туристичка дестинација, рече Крстевска.