Отворена нова градинка во општина Петровец во која ќе бидат згрижени 80 деца
Во општина Петровец денеска е отворена нова градинка во која ќе може да се згрижат околу 80 деца од предучилишна возраст.
Се работи за нов објект за кој Министерството за труд и социјална политика и општина Петровец инвестираа 15 милиони денари.
Градинката беше пуштена во употреба во присуство на премиерот Емил Димитриев и министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
За премиерот Димитриев, новата градинка е пример за одличната реализација на владиниот проект за изградба на детски градинки во сите региони во државата.
- Свесни за потребите и барањата на граѓаните за зголемување на сместувачките капацитети во градинките и секогаш водени од потребата да им се излезе во пресрет на граѓаните, како Влада сериозно пристапивме кон нивните барања и тоа досега, вклучувајќи го и овој објект, резултираше со 48 новоизградени градинки во градовите и руралните средини, рече Димитриев, додавајќи дека радува фактот што се јавува потреба за отворање нови градинки.
Тоа, додаде Димитриев, значи дека се раѓаат повеќе деца, државата се подмладува и дека треба да продолжиме со водење на овие политики за поттикнување на родителите да имаат повеќе деца и да ги прошират своите семејства.
Димитриев најави дека и во следниот период ќе продолжи поддршката од Владата за подобрување на условите за живот во оваа општина.
- Продолжуваме и со континуираните инвестиции во индустриската зона Чојлија во која 17 компании веќе ги градат своите објекти, а за многу кратко време како што сум информиран од градоначалникот уште две компании ќе започнат со градба на своите објекти. Радува фактот што покрај зоната Чојлија, се развива и зоната во Ржаничино каде се градат два објекти, а наскоро почнува изградбата на уште два. Во оваа зона се продадени уште 15 парцели на кои во следните две години ќе се градат објекти. Ова се убави вести за Петровец, за отворање нови работни места и за дополнителен економски развој на општината, нагласи премиерот Димитриев.
Од Министерството за труд и социјална политика најавија дека во следниот период ќе бидат отворени уште четири нови градинки.
- Во блиска иднина најавувам отворање четири нови градинки и тоа во Зелениково и во скопските општини Бутел, Кисела Вода и Ѓорче Петров, а интензивно се работи на градинки во Аеродром и Чучер Сандево. Дополнително со поттикот кој го даваме на приватните инвеститори за отворање приватни детски градинки преку пакетот поволности и финансиската поддршка успеавме бројот на запишани деца од 2006 досега скоро трикратно да го зголемиме, истакна министерот Спасов.
Градинката „Авионче“ во Петровец е петтата градинка што е пуштена во употреба од почетокот на годинава, а до крајот на оваа година се очекува да бидат отворени уште најмалку 10 нови градинки.