Државата ќе рефундира давачки за набавка на автомобили за инвалиди
Секое лице со најмалку 80 проценти инвалидност на долните екстремитети, со умерена, тешка и длабока интелектуална попреченост, потполно слепо или глуво лице, или пак нивни старатели или родители од денеска до септември може да поднесат барање за рефундирање средства за платени царински давачки, данок на додадена вредност и акциза за набавка на патнички автомобил за овие лица.
Најголем износ кој може да биде рефундиран е 180 илјади денари. За реализација на оваа програма се предвидени средства во висина од 9 милиони денари од Буџетот на МТСП за рефундидарње средства за платени давачки за 50 автомобили за 2016 година.
Предност при рефундирањето на средствата ќе имаат лицата во чии семејства има и друго лице со инвалидност, кои активно бараат работа, имаат пониски приходи во семејството...
Овој проект, како што соопшти на денешната прес-конференција министерот за труд и социјална политика Диме Спасов има за цел да овозможи полесен пристап до автомобил на лицата со инвалидност за нивна полесна мобилност и вклученост во заедницата.
Барањата можат да се поднесуваат до надлежните центри за социјална работа каде ќе биде разгледано од комисија формирана за таа намена. Во Прилог на барањето треба да се поднесат и наод оцена и мислење на надлежна комисија за утврдена категорија инвалидност на која се однесува проектот, примерок или заверена копија од царинска декларација не постари од 12 месеци од денот на подмирување на царинските давачки и акцизите при увоз на автомобилот, издадени од царински орган, доказ за платен данок на додадена вредност.
По завршувањето на огласот, како што информира Спасов, комисијата ќе изврши увид во домот на барателот, а откако ќе заврши рокот за доставување на барања, а комисијата за рефундирање на средства за набавка на патнички автомобил ќе одлучува во однос на поднесените барања.
- Со овој проект се реализира уште едно ветување за лицата со инвалидност, се реализира уште едно барање на националните сојузи на лицата со инвалидност, и со него ќе продолжиме да го подобруваме животот на лицата кои имаат најголема потреба од поддршка, рече министерот за труд и социјална политика.
Тој ги повика сите заинтересирани да ја искористат оваа можност, со која, како што рече, ќе им овозможи заштета на финансиски средства.
Дополнителни информации за огласот, заинтересираните можат да добијат во МТСП, на веб-страната на Министерството и во сите центри за социјална работа.