Општина Дебрца доби пешачка патека покрај Охридското Езеро
Новоизградената пешачка патека покрај Охридско Езеро на територијата на Општина Дебрца и тековните и идни такви содржини и во останатите туристички места во следниот период се нови можности за развој на туризмот, оцени денеска министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.
Со градоначалникот на општина Дебрца Игор Трајкоски извршија увид во завршните градежни активности на патеката покрај Охридското Езеро во Дебрца, во должина од 120 метри, уредена со клупи за одмор и рекреација и осветлена во ноќните часови. Инвестиција од 120 милиони денари на Министерството за транспорт и врски.
- Многу беше важно заеднички да направиме обележје за општина Дебрца дека излегува на Охридското Езеро и оти има свој дел на ривиерата. Со оваа инвестиција направивме едно убаво катче за секој граѓанин што сака да помине во релаксиран одмор тука. Разговараме оваа пешачка патека да добие и дополнителни содржини, каде што има простор да се проширува, а потоа општината да може под концесија да го издава местото каде ќе може да се собираат повеќе луѓе и да има поголем простор за туризам, изјави министерот Мисајловски.
Информира дека во завршна фаза е проектирањето за изградба на пешачка патека од Плоштадот во Охрид до Канео, а потоа и патека до плажата Лабино, како и изградба на плажата во Лагадин.
- Почнавме и со нов проект во Ресен за изградба на пешчака патека во должина од над пет километри, заврши изградбата на пешачката патека во Дојран, како и во други населени места. Како централна власт ќе застанеме зад секоја општина и секогаш кога има добра соработка меѓу Министерството и општините ќе градиме вакви убави објекти, пешачки патеки, нови плажи... само да ги зголемиме содржините за сите граѓани во Република Македонија, рече Мисајловски.
Градоначалникот на Дебрца упати благодарност до Министерството за заложбите за изградба на патеката, нагласувајќи дека при изработка на идејното решение општината работела според препораките на УНЕСКО за заштита на езерото.
- Се водевме според препораките на УНЕСКО за заштита на животната средина и езерото. Користевме природни материјали и денес сме сведоци дека пешачката патека ќе остане спомен за идните генерации и ќе придонесе за развој на овој дел од езерото, од страната на Општина Дебрца, истакна Трајковски.