Јолевски: Македонија заслужи полноправно членство на НАТО
Република Македонија го заслужи местото како полноправен член на НАТО, истакнал министерот за одбрана на Република македонија Зоран Јолевски, на денешните одвоени средби со министрите за одбрана на Турција, Естонија, Италија, и Шведска, на маргините на самитот на НАТО што се одржува во Варшава, Полска.
- Со спроведените реформски зафати, учеството во мировните мисии предводени од Алијансата, потврдената интероперабилност со Армиите на земјите-членки за време на НАТО воената вежба Анаконда, како и фактот дека Македонија и НАТО ги споделуваат истите вредности и цели на глобално ниво, како мирот, демократијата и безбедноста, ние јасно покажавме дека местото на Македонија е во НАТО, порачал Јолевски, соопшти денеска МО.
Високиот процент на поддршка кај граѓаните на Република Македонија и целосната поддршка од политичките структури во земјата, посочил тој, укажуваат на тоа дека Македонија останува посветена на интеграцијата во евроатлантските структури.
- Ние ќе продолжиме да работиме за да останеме подготвени за членство во НАТО. Ќе продолжиме да придонесуваме кон безбедноста на регионот и на Европа, впрочем тоа го докажавме со начинот со кој се справивме со мигрантската криза. Ние сме сериозен и кредибилен парнтер, но мораме да го направиме и следниот чекор, односно да бидеме полноправен член на НАТО, потенцирал на состаноците министерот Јолевски.
Како што стои во соопштението од МО, министрите за одбрана истакнале дека ја подржуваат Македонија во нејзините аспирации да стане дел од Алијансата.
Во текот на утрешниот ден, како што е најавено од МО, министерот Јолевски ќе се обрати на состанокот посветен на Платформата за интероперативност, на ниво на министри за одбрана, а ќе оствари и билатерални средби со министрите за одбрана на Унгарија, Латвија, Литванија и Словенија.