Реализирани 2.438 едукации во над 40 медицински центри во странство
Преку Програмата на Министерството за здравство за континуирана едукација на македонските лекари во најразвиените болници и здравствени системи досега се едуцирани 2.438 здравствени работници и тоа во врвни медицински центри во Европа и САД. Околу 70 проценти од докторите кои биле на едукација веќе применуваат нови методи во јавните здравствени установи во Република Македонија.
Ова денеска на прес-конференција го истакна вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров, кој рече дека оваа системска мерка воведена пред неколку години дава одлични резултати, добро е прифатена од страна на сите здравствени работници кои успеваат да се стекнат со знаења и искуства и на тој начин воведуваат нови методи во јавните здравствени установи.
- Ова е системска мерка која ја воведовме пред неколку години со која сакаме да постигнеме докторите кои работат во јавното здравство да бидат целосно во тек со најсовремените методи и техники кои се користат во најразвиените болници, во најразвиените здравствени системи во светот и на тој начин преку нивна континуирана едукација да се овозможи трансфер на знаења и нивна примена во Република Македонија со цел овозможување на имплеметација на нови методи, на нови техники, и подигнување на квалитетот на здравствените услуги, рече Тодоров.
Најголем дел од едукациите, потенцира, годинава се спроведени во: Универзитетскиот медицински центар Хамбург-Епендорф, каде се едуцирани повеќе специјалисти во повеќе области меѓу кои: перинатологија, радиодијагностика (компјутерска томографија и магнетна резонанца), пластична и реконструктивна хирургија, неуропатологија, педијатриска интензивна нега, лапароскопски операции на дебелото црево, фетални интервенции и пренатална дијагностика, итн., Клиничкиот центар Љубљана, каде се едуцирани 50 доктори, како и четири фармацевти, еден рентген технолог, два физиотерапевти, 28 медицински сестри и еден биолог.
- Станува збор за широк спектар на области во кои е едуциран кадарот и тоа: доплер сонографија, доплер на периферни крвни садови, ехокардиографија, ЕХО-доплер во нефрологија, педијатриска алергологија, дигестивна хирургија, анестезиологија, ортопедија на вилици и заби, физикална медицина..., Во Универзитетските клиники Чапа и Черепаша во Истанбул се едуцирани 40 доктори и 40 медицински сестри. Исто така, значителен број едукации годинава се реализирани и во: болницата Токуда во Софија, во Централната Воена болница, при Карловиот Универзитет во Прага, како и во Кина, Јапонија, Белград, Загреб итн., истакна Тодоров.
Појасни дека станува збор за едукации кои се со различно времетраење од околу еден месец и повеќе, така што македонските доктори имаат можност да ги надградат своите знаења, но истовремено да го осознаат начинот на организација на работата во установата, па и во тој дел да стекнат нови искуства со кои би го унапредиле и олесниле процесот на работа во своите матични установи.
Само во општите и клиничките болници, информира Тодоров, над 300 доктори применуваат нови методи кои ги совладале на нивната едукација во странство, а во овој период извршиле над 80.000 интервенции или дијагностички процедури, односно дале 80.000 здравствени услуги базирани на методот што го научиле во странство, што, според него, е одличен показател за успешноста на овој проект.
- Во Општата болница Охрид, ГОБ „8 Септември“, и Клиничката болница во Битола се извршени по повеќе од 10.000 интервенции или снимања со методите кои ги совладале докторите на едукациите во странство. Главно се работи за методи кои се нови за самиот доктор. Во Детската болница Козле, со едукација на двајца доктори во една од најпознатите детски болници во Италија – болницата „Бамбино Џезу“, како нова методата функционира педијатриска лабораторија за ноќна апнеа, која е прва од ваков тип во јавното здравство кај нас. Досега со оваа метода се третирани над 30 деца, рече Тодоров.
Како друг пример ја нагласи Општата болница во Струмица, каде по реализирани едукации во медицински центри во Истанбул и Софија за првпат во болницата е воведена лапароскопска апендектомија (вадење на слепо црево). Укажа дека оваа интервенција ја работи абдоминален хирург од болницата и веќе околу два месеци успешно се применува.
Во Клиничката болница во Штип, посочи, успешно се применуваат три нови методи по спроведени едукации во странство и тоа: КТ перфузија со која веќе се извршени 15 интервенции, АДЦ мапа на магнетна резонанца со која веќе се третирани 300 пациенти. - Овие методи претходно воопшто не се работеле во Клиничката болница. Двете методи се за рана исхемија, откривање и третирање мозочни удари во рана фаза, воведени пред речиси 2 години по завршена едукација на докторката во Клинички центар Љубљана. Третата метода е од областа на ортопедија - операција на рбетен столб, докторката била на повеќе обуки во Љубљана и во САД, и веќе се успешно извршени три операции, појасни Тодоров.
Информира дека на Универзитетската клиника за детски болести се воведени повеќе нови методи, како резултат на едукациите на кадарот од клиниката во странство, меѓу кои: дијагностика на метаболопатии, по реализирана едукација во Истанбул, нови методи за дијагностика на рана астма кај деца со спирометрија, по реализирана едукација во италијанската болница „Бамбино Џезу“, како и методата ендоскопија кај деца, исто така по реализирана едукација во таа болница. Нагласи дека станува збор за методи кои дотогаш не се работеле на клиниката, со што сериозно е унапредена специјалистичката здравствена заштита.
- На Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство воведена е нова метода – тотална лапароскопска хистеректомија, за која докторите се едуцираа во Универзитетски клинички центар Хамбург – Епендорф, како и во УКЛА–Лос Анџелес, САД. Оваа метода успешно се применува на Клиниката и веќе се извршени околу 20 тотални лапароскопски хистеректомии. Ова е проект кој докажано успешно функционира, и во таа насока ќе продолжиме да го развиваме и во иднина, истакна Тодоров.
Додаде дека изминатиов период тимови од Министерството за здравство посетиле повеќе медицински центри во Германија, меѓу кои: Универзитетската клиника во Дизелдорф, Клиниката Шарите во Берлин, Универзитетските клиники во Лајпциг и Бон, како и Центарот за срце во Берлин, со кои ги разгледуваат можностите за воспоставување соработка и овозможување доктори од Македонија да се едуцираат во иднина и во овие европски медицински центри.
Одговарајќи на новинарско прашање рече дека оваа инвестиција во македонските лекари го чини Министерството за здравство меѓу два и три милиони евра годишно.