Во Економија активирани стотина пумпи, извадена водата од домовите
Во најголем дел од куќите во населбата Економија која беше зафатена од саботното невреме е извадена водата од домовите, а сега се работи на вадење на водата и од подрумите. Во моментот се активирани околу 100 пумпи за црпење на водата, а во текот на денот се очекува да бидат ставени во функција дополнителни со што бројката би требало да достигне околу 300 пумпи.
Во втората фаза ќе бидат активирани пумпите за кал.
Дваесет екипи на ЕВН работат на терен и етапно се пушта струја, а обезбедена е храна и вода за населението која во текот на денот екипи на Црвениот крст и на војската ќе ја дистрибуира до секој дом.
Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, кој е координатор на активностите во овој регион, денеска го информираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски кој го посети ова населено место дека во функција е ставена и депонијата Вардариште со цел оштетената покуќнина побрзо да се пренесе, а оттаму во депонијата Дрисла.
Тој напомена дека треба да се разгледа и можноста за промена на моделот за обештетување бидејќи шутот не може да остане во домовите, во дворовите.
Градоначалникот на општина Гази Баба Тони Трајковски информираше дека во ОУ „25 Мај“ каде се дистрибуира храната веќе има струја на агрегат и оти паралелно со санирањето на штетите на терен работат и комисиите за обештетување.
Увид на самото место прават 17 комисии за недвижен имот, четири комисии за автомобили и 10 комисии за стока и земјоделски посеви.