Груевски: Оваа година, и покрај предизвиците, беше успешна, остануваме посветени на реформите
Оваа година, и покрај многу предизвици и проблеми со кои се соочивме, а многу од нив тешко предвидливи, сепак, беше успешна. Се преземаа чекори кои на некој начин решија голем дел од проблемите, рече премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, по традиционална годишна средба со лидерите на политичките партии од коалицијата „За подобра Македонија“, на која беа разгледани резултатите и постигнувањата од тековната година, но и за сето она што треба да се реализира во текот на идната година.
- Оваа 2011 беше година во која што Република Македонија доби потврда на препораката од ЕУ, што ја добивме во 2009, потоа имавме потврда во 2010-та и сега, вторпат, потврда на препораката, што укажува дека реформите во најголем дел се реализирани онака како што треба. Ние оваа година бевме фокусирани на реформите во повеќе области, реформи кои треба постојано да го подобруваат квалитетот на животот на граѓаните и тоа е нашата главна цел, истакна премиерот Груевски.
Ова е година, посочи тој, во која имавме успешно организирани парламентарни избори, година во која Македонија ја доби пресудата од Меѓународниот суд за правда во Хаг за спор што се води подолг период, а што во иднина, подвлече, ќе ни биде од помош, година во која се направи напредок во сите сфери. Во здравството се набави опрема, се направија реконструкции на повеќе болници, потсети Груевски, се склучи долгоочекуваниот договор за минимална плата помеѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
- Ова е година во која може да се каже веќе беше во завршување светската економска криза, а не беше започната должничката криза, а Македонија покажа дека има капацитет во нормални услови веднаш да направи раст од 5 посто и над тоа. Во првите шест месеци имавме 5,2 посто раст на еконоијата, а во втората половина веќе почнаа да се чувствуваат проблемите кои доаѓаат од должничката криза во Европа, појасни премиерот Груевски.
Во идната 2012 година, потенцира тој, главен проблем останува блокадата од страна на Грција, но и должничката криза во Европа, што е главниот извозен пазар за Македонија.
- Во Европа оди 90 проценти од извозот на Македонија, од кои 60 во ЕУ, 28 проценти во околните земји кои не се членки на ЕУ, но се целосно конектирани со ЕУ. Затоа може да се каже дека нашата економија има висока корелација со европската и во тој контекст постои загриженост околу тоа како ќе се развива еворпската должничка криза, рече премиерот Груевски, оценувајќи оти е добро што ЕУ донесе одредени одлуки со кои ќе се влијае на кризата. Сепак, истакна тој, треба да останеме будни во следењето на таа криза, која нема да го погоди банкарскиот сектор или да предизвика должничка криза во Македонија во однос на враќањето на долговите во странство затоа што имаме низок државен долг од 26 посто, но секако ќе се рефлектира на реалниот сектор - извозот, производството, што пак има рефлексија и на вработеноста.
- Ќе бидеме и понатаму фокусирани на економијата, на реформите, на нови работни места, изјави премиерот.
Коалицијата „За подобра Македонија“ истакна Груевски, ќе остане посветена на реализирање на она што сме им го ветиле на граѓаните и ќе продолжи со уште посилно темпо, што е и главната причина, како што рече, поради која оваа коалиција ја задржа довербата кај граѓаните во изминатите пет години, а тоа е силното темпо на работа кое никогаш досега во таква мерка не било забележано во Македонија.
- Проблеми секогаш ќе има, ние ќе се справуваме со нив, се надевам поголем дел од нив ќе ги решаваме, а оние кои ќе се одложат и нема веднаш да се решат, ќе работиме за да ги реализираме во иднина, рече Груевски.
На новинарско прашање кои се приритетите во однос на реформите за евроатлатнските интеграции за идната година, со оглед на тоа дека Македонија доби трет по ред позитивен извештај и препорака за почеток на преговорите за членство во ЕУ, Груевски дециден дека фокусот пред се ќе биде ставен на реформите и нивната имплементација во јавната администрација и во судството.
Во таа насока, подвлече, еден од најкрупните проекти е интероперабилност на јавната администрација.
- Ќе продолжиме да се фокусираме на работи кои што се поврзани со јавната администрација, нејзини хоризонтални и вертикални реформи во однос на подобрување на услугата што треба да ја дадат на граѓаните и на фирмите. Од тој аспект ќе се работи на зголемување на бројот на институции во јавниот сектор кои ќе бидат меѓусебно електронски поврзани за да не мора граѓаните да одат од шалтер на шалтер. Како што знаете веќе имаме четири до пет такви институции, меѓутоа нашата цел е во текот на наредните години да имаме дополнителни институции што ќе се приклучуваат и ќе ги елиминираат чекањата пред шалтер, рече Груевски, додавајќи оти во крајната фаза во наредните максимум пет години, се очекува граѓаните и компаниите да можат електронски да аплицираат и да добијат одговор за голем дел од нивните потреби.
Во однос на имплементација на реформите во судството, најави дека ако е потребно ќе бидат направени дополнителни законски чекори.
- Најважно е оние што се веќе направени да бидат спроведени, имајќи предвид дека нивното спроведување законски е предвидено да биде во различни временски периоди и тоа дел веќе се во сила, а останатите се очекува во 2012 и 2013 година, изјави премиерот Никола Груевски.