Канческа Милевска го посети Градскиот музеј во Крива Паланка
Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска денеска оствари работна посета на Крива Паланка. Ја посети локалната установа Градски музеј, институција која со поддршка на Министерството за култура имплементира неколку значајни проекти.
- Исклучително е важно што Министерството почна значаен проект за реконципирање на поставките во музеите со кои многу значајни артефакти што овие институции ги имаат во своите депоа можат да ги презентираат пред јавноста. Оттука, можам да најавам дека веќе следната година ќе биде отворена новата реконципирана и адаптирана етнолошко историска поставка во Кривопаланечкиот музеј, изјави Канческа Милевска.
Таа имаше можност да ги разгледа и најновите наоди од археолошките истражувања на локалитетот Градиште во селото Градец.
- Имав можност да ги погледнам артефактите кои потекнуваат од раниот византиски до доцниот среден 13 и 14 век. Пронајден е богат движен материјал – бронзени монети, садови, градежна керамика, делови од облека и накит, алатки и оружје. Од позначајниот археолошки материјал можат да се издвојат златните монети и монети од времето на Јустинијан Први, како и железната мамуза. Министерството ќе продолжи и во иднина да ги финансира истражувањата на овој локалитет, прв на кој самостојно работи локалната установа Градски музеј Крива Паланка, додаде Канческа Милевска.
Ја истакна и одличната соработка меѓу локалната и централната власт со која, напомена, постојано се развива и збогатува културната понуда во општината.
Со поддршка на Министерството за култура и средства од Општината се одржуваат Меѓународен фолклорен и Театарски фестивал во Крива Паланка.
- Благодарност до Министерството за континуираната поддршка на проектите кои ја унапредуваат нашата локална установа. Се надевам дека поддршката ќе продолжи и во следниот период и дека ќе можеме локалитетот Градиште од кој досега се истражени само 20 отсто, комплетно да го истражиме по што ќе следува негова конзервација и промоција како туристички локалитет, изјави директорот на Градскиот музеј Крива Паланка Драган Величковски.
Во рамки на посетата на Крива Паланка, Канческа Милевска го посети и манастирскиот комплекс „Св. Јоаким Осогвски“ и упати честитки до сите верници по повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица, честитајќи им го на кривопаланчани утрешниот празник Свети Јоаким Осоговски, светец закрилник на градот.
Градоначалникот Арсенчо Алексовски искажа благодарност до Министерството за култура и Владата за поддршката на сите значајни проекти од културата со која во изминатите години, нагласи, се реализираа бројни настани од музичко-сценската, ликовната и книжевната дејност.
Присутен беше и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев кој на овој голем христијански празник кој е и празник на рударите, најави дека благодарение на Владата наскоро новиот концесионер кој денеска го рестартираше рудникот „Злетово“ ќе го рестартира и рудникот „Тораница“ и сите рудари ќе бидат вратени на работа.
Министерката присуствуваше и на вечерната богослужба во манастирот „Св. Јоаким Осоговски“ со која чиноначалствуваше митрополитот кумановско-осоговски г. Јосиф.