Пуштена во употреба нова градинка во Радишани
Нова градинка со капацитет да згрижи 120 деца од предучилишна возраст беше отворена денеска во населбата Радишани, во општина Бутел. Градинката е со површина од 500 метри квадратни, има пет занимални за пет групи за згрижување деца, секоја од занималните е со сопствени тоалети, а има и медицинска соба за првично згрижување болни деца.
Годинава ова е седма градинка што се отвора и вкупно 50-та пуштена во употреба од 2009 година наваму. Иако било планирано годинава да бидат отворени 10 градинки, до крајот на годината се очекува вкупно 15 градинки да бидат пуштени во употреба.
- Станува збор за нов објект кој отвори капацитет за згрижување на 120 дечиња. Со тоа целосно го решаваме проблемот на родителите од ова населено место и од утре сите деца кои се на листата на чекање ќе бидат згрижени во новата градинка. Ова е седма градинка што ја отвораме годинава, педесетта што ја отвораме од 2009 година наваму, истакна на отворањето на градинката министерот за труд и социјална политики Диме Спасов.
Информира дека инвестицијата е во износ од околу 11 милиони денари.
- Општината ги презеде активностите за изградба на овој нов објект, а Министерството учествуваше во целосно опремување на новоизградениот објект, рече Спасов.
Најави дека и натаму ќе се продолжи со низа инвестиции за отворање детски градинки со особен фокус, како што рече, на градот Скопје.
- Очекуваме оваа година да ги надминеме плановите за отворање 10 градинки и, покрај веќе отворените седум, да отвориме уште осум, односно вкупно 15, од кои над половина ќе бидат во градот Скопје, рече Спасов.
Градоначалникот на општина Бутел Петре Латиновски истакна дека отворањето на оваа нова детска градинка е исполнување на едно од ветувањата дадени пред граѓаните.
- Грижата за најмладите вака се покажува, на дело, а не со празни зборови. Јас како градоначалник од првиот до последниот ден на мојот мандат ќе направам се да создадам услови за секое семејство, за перспективата за општината Бутел и на Република Македонија, истакна Латиновски.
Новата градинка, рече, е од исклучително значење. Се наоѓа во непосредна близина на градинката „Ташко Караџа“, која има капацитет за 180 деца, но, како што рече тој, поради потребите на граѓаните градинката згрижувала и до 300 деца.
Најави дека наскоро ќе биде пуштен во употреба целосно реконструиран објект на детска градинка во Бутел 2, со капацитет за згрижување на над 100 дечиња, како и дека ќе почне со изградба на уште една нова градинка во населеното место „Живко Брајковски“.