Пуштен во употреба нов отворен спортски терен во Штип
Заменикот министер за образование Спиро Ристовски и ректорот на универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, Блажо Боев денеска го пуштија во употреба новиот отворен спортски терен кој е во рамките на спортската сала „Јордан Мијалков“.
Според Ристовски ова ќе донесе развој на спортот и на спортските активности во рамки на универзитетот, но и на градот Штип.
-Ова спортско игралиште е комплетна инвестиција на универзитетот „Гоце Делчев“. Станува збор за инвестиција од 200.000 евра, сопствени средства на универзитетот. Навистина е за поздравување, посебно затоа што е во рамки на постојната спортска сала „Јордан Мијалков“, која што ја користи универзитет, рече Ристовски.
Тој забележа дека новиот спортски терен го користи и населението, што живее во населбите кои гравитираат кон спортската сала и отворен терен, за што вели дека универзитетот „Гоце Делчев“ ја потврдува својата општествена одговорност и се оправдува одлуката на Владата за формирање на универзитетот „Гоце Делчев“-Штип.
Ректорот на УГД-Штип, Боев потенцира дека за универзитетот е важно студентите да имаат спортски активности и затоа го имаат изградено отвореното спортско игралиште, на кое што можат да тренираат студенти и спортски клубови од различни спортови.
- Ќе следат изградба на уште неколку спортски содржини, тука во горниот дел на салата. Така да ќе го заокружиме овој центар во потполност и во насока за да студентите имаат добри места, каде што ќе можат да ги обавуваат своите спортски активности и рекреакција, рече Боев.
Тој забележа дека во подолготрајните планови на универзитетот „Гоце Делчев“ е и изградба на затворен базен, а доколку се обезбедат средства како универзитет се подготвени да го реализраат и овој проект.