Сарачини-Начо: Засилената економска соработка е иднината на регионот

Продлабочување на трговската и економската соработка, забрзување на тековните заеднички проекти, унапредување на патната, железничката и енергетската инфраструктура и инвестициските активности меѓу двете соседни земји беа главните теми на билатералната средба во Тирана меѓу министерот за економија Ваљон Сарачини и неговиот албански колега Насип Начо. 

На средбата министерот Сарачини предложи формирање експертски тимови од двете страни со цел размена на информации меѓу Република Македонија и Република Албанија, со што ќе се создаде силна основа во првата половина на 2012 година да се одржи првиот Мешовит комитет по Спогодбата за стопанска соработка, која датира од март 1998 година.

- Во овие неколку месеци од мојот мандат меѓународната активност ја насочив кон земјите од регионот, бидејќи сметам дека засилената економска соработка е иднината на регионот. Поголемата соработка ќе придонесе и за намалување на огромниот увоз од другите земји, особено европските, кои сега го имаат како состојба и Албанија и Македонија, истакна Сарачини.

Тој ги претстави инвестициските поволности во Македонија, како и реализацијата  на актуелните енергетски проекти, како што се концесиите за мали хидроцентрали и меѓународниот тендер за Чебрен и Галиште. Истакнувајќи го значењето на целосната либерализација на земјоделски и прехранбени производи меѓу двете земји, Сарачини ја пренесе и новата визија за минералните суровини, преку модернизација на законодавството и изработка на софтверски пакет, со што ќе се скрати времето за добивање дозволи и ќе го олесни  инвестирањето во овој сектор.

Што се однесува до изградбата на 400 киловолтниот интерконективен далновод Битола – Елбасан, министерот Сарачини информираше дека се очекува одобрување за користење на средствата од ЕИБ во вредност 16,7 милиони евра колку што чини македонскиот дел на проектот, за веднаш да започне градбата од наша страна.

Министерот Начо го претстави новиот закон за странски инвестиции согласно кој инвестициите над  10 милиони евра се строго заштитени во Албанија и информираше и за 170-те овластувања за минерални суровини, и тоа најчесто за цинк и бакар.

Тој информираше и за концесиите за мали хидроцентрали, како и за активностите во врска со изградба на далноводите Елбасан-Битола, Елбасан-Подгорица и енергетските паркови, за кои се дадени 15-тина овластувања, главно на италијански инвеститори.

Министерот Начо упати покана до македонските фирми за учество на тековните тендери во Република Албанија за енергетски проекти, меѓу кои за Тирана-Приштина и за изградбата на каскада на реката Дрим.

- Договорот ЦЕФТА 2006 овозможи укинување на сите бариери во трговијата и очекуваме и во иднина таквата соработка меѓу земјите од регионот да продолжи. Република Албанија ќе биде претседавач со ЦЕФТА во 2012 година и цврсто сме определени да дадеме придонес во продлабочување на меѓусебната соработка, рече Начо. 

Двајцата министри на средбата укажаа на можностите за користење на пристаништето во Драч за потребите на деловните субјекти, како и за состојбата со Коридорот 8.  

Албанските бизнисмени досега покажале најголем интерес за инвестирање  во градежништвото, осигурувањето, хотелиерството и земјоделството во Македонија.