Проект за јакнење на системот за доживотното учење и образование на возрасни
Градење сеопфатен и интегриран систем за доживотно учење преку воспоставување динамична корелација помеѓу образованието и промените како во општествената сфера, така и на пазарот на труд има за цел проектот „Јакнење на доживотното учење преку модернизација на системот за стручно образование и обука и образованието на возрасните“.
Министерот за образование и наука Пиштар Лутфиу на претставувањето на проектот рече дека улогата на центарот за образование на возрасните е да се промовира еден функционален, модерен систем за образование на возрасни компатибилен со Европската унија во контекст на доживотно учење што обезбедува висок квалитет на обука и квалификација, како и можности да се задоволат потребите на целото население, подобрување на можностите за вработување и претприемништво за исполнување на пазарот на труд, како и да придонесе за економски, социјален и личен развој.
- Стручното образование и обука треба да биде достапно за сите и да нуди јасни образовни стандарди со наставни планови и програми за вертикална и хоризонтална проодност, како и препознавање на вредностите на сертификатите и дипломите на пазарот на трудот. Крајна цел на сите политики на Владата е зголемување на вработеноста и борбата против сиромаштијата, рече Лутфиу.
Претставникот на делегацијата на ЕУ Мауро Ди Вероли рече дека постојаното подобрување на системот на образование е секогаш врвен приоритет за ЕУ и подобрувањето на релевантноста на образованието и обуката и практиката на животно учење ќе обезбеди конкурентност и подобри можности на луѓето во сите фази од нивното живеење.
Амбасадорот на Велика Британија Чарлс Герет рече дека како што образованието е доживотен прецес, така и образовните реформи никогаш не запираат, поради што мора да има национален разговор за образованието, бидејќи тоа е здраво и сите сме дел од пазарот на труд и образованието.
- Оваа програма ќе и помогне на Македонија да развие одржлив модел за доживотно учење и се фокусира на стручното образование и обука, во однос на тоа како да се подобри вработувањето на луѓето кои поминале низ стручното образование и низ образованието на возрасни и како овие луѓе целосно да придонесат кон пазарот на труд и да се прилагодат на растечките потреби на модерниот бизнис сектор, рече Герет.
Посочи дека Британскиот совет со своето 20. годишно работење во Македонија е одличен партнер во овој аспект.
Амбасадорката на Германија Кристине Д. Алтхаузер рече дека најважен услов е да се промени општеството и ставот дека само преку универзитет може да се дојде до успех во животот, како и тоа работодавачите да сфатат дека инвестирањето во обука ќе им се исплати на долг рок, бидејќи тоа е инвестиција во иднината.
Целите на проектот се насочени кон помагање на процесот на подготовка на професионалните стандарди и стандардите за квалификации, реформа на наставните програми за стручно образование и обука и поддршка во нивната имплементација, обука за наставниците, директорите на стручните училишта и подготовка и развој на Национална стратегија за доживотно учење 2016-2020 година.
Проектот е финансиран од Европската унија и имплементиран од Британскиот совет, а корисник е Министерството за образование и наука на Македонија. Буџетот на проектот изнесува 1.972.500 евра и ќе трае до ноември 2017 година.