Спасов: Растот на новоотворени работни места во Кавадарци е интензивен
Општина Кавадарци е една од општините во Република Македонија каде растот на новоотворени работни места е интензивен. Имаме забрзано намалување на невработеноста. Тука помагаат секако странските директни инвестиции, индустриските капацитети кои се отворени изминатите години, меѓутоа и мерките за вработување кои ги реализира Владата на Република Македонија преку МТСП и Агенцијата за вработување, меѓу кои е и проектот „Македонија вработува”.
Ова денеска го соопшти дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика, Димe Спасов во Кавадарци.
- „Македонија вработува 1”и „Македонија вработува 2” во Кавадарци изминатта година и неколку месеци отворија над 410 нови работни места. Со првата фаза од проектот се отворени 376, а со втората фаза, 36 работни места за само два и пол месеци. Овој проект продолжува до средината на следната година. Очекувам тој да влијае и да продолжи да помага на малите и средни компании, во отварање на нови работни места и да влијае за намалување на невработеноста во општина Кавадарци и целата територија на Република Македонија. Ако земеме предвид во 2006 година во општина Кавадарци имало околу 8700 невработени лица, додека денеска има околу 3700 невработени лица. Тоа е намалување на бројот на невработени за околу 5000 лица што е огромно намалување, исто така се бележи значителен раст на новотворени работни места. На почетокот на 2006 година имало 8600 вработени, додека според евиденцијата на Центарот за вработување сега во овој период има над 18 200, тоа се околу 9400 вработувања во кои влегуваат и жителите на општина Кавадарци меѓутоа и многу жители на околните општини, информираше Спасов.
Тој нагласи дека сите овие мерки влијаат значително да се подобри ситуацијата во овој град и очекува во наредниот период да влијаат на невработеноста во општина Кавардарци но и на целата територија на државата.