Собранието го изгласа Буџетот на Република Македонија за 2012

Собранието на Република Македонија денеска со 63 гласа „за“ и 36 против го изгласа Буџетот за наредната година, кој според проекциите изнесува 169 милијади денари. Приходите се предвидени на 156,75 милијарди денари, а буџетскиот дефицит е 2,5 проценти од БДП. Растот на БДП е проектиран на 4,5 проценти, а инфлацијата на 2,5 отсто. Предвидено е зголемување на капиталните расходи за 29 отсто.

Клучни цели на проектираниот буџет се задржување позитивни стапки на економски раст, подобрување на економската инфраструктура и одржување висок степен на социјална стабилност.

Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески буџетот за наредната година е подготвен во услови на влошени состојби во европската и македонската економија и оти во такви околности основната фунција на буџетот ќе биде да се задржат позитивни стапки на економски раст, да се одржи висок степен на социјална стабилност и да се подобри согласно можностите економската инфраструктура на земјата.

Министерот смета дека Буџетот содржи елементи на флексибилност и адаптибилност и оти главниот фактор на доверба кон фискалната политика за следната година е одржување на буџетскиот дефицит под критериумот од три проценти согласно препораките од Пактот за стабилност и растот на ЕУ.

Буџетот за 2012 година е подготвен врз основа на проектиран раст на економијата од 4,5 отсто кој ќе биде силно поддржан од инвестициите, вклучувајќи ги и капиталните вложувања чие зголемување е 29 отсто. Се предвидува дека потрошувачката ќе биде стабилна, но на повисоко ниво во однос на 2009 и 2010 година. Ова ќе биде поддржано со владините политики за стабилност, пред се преку продолжување со навремената исплата на платите, пензиите и социјалните надоместоци.

Предлогот кај вкупните расходи има подобрена структура и квалитет на расходите со значително поголемо учество на капиталните расходи за 29 отсто, на сметка на тековните расходи чие учество се намалува.

Предвидени се значителни инвестициски вложувања во патната и железничкатa инфраструктура, енергетски и комунални инфраструктурни проекти, како и инвестиции за подобрување на условите во образованието, социјалниот и здравствениост систем и во земјоделството, заштитата на животната средина и правосудството.

Во текот на 2012 година во патната и железничка инфраструктура се предвидени инвестиции од 7,5 милијарди денари кои се за 42 проценти повеќе од оние за 2011 година, а во енергетиката и комуналната сфера околу 2 милијарди денари. За уредување на ТИРЗ се предвидени 518 милиони денари, за здравството 2,5 милијарди денари, за образованието, детската заштита и спортот околу 2,4 милијарди денари, за субвенции во земјоделството 130 милиони денари и уште 1,3 милијарда денари за хидросистеми и инвестиции за подобрување на земјоделските стопанства.  

Постоечките даноци се задржани на непроменето ниво. Македонија ќе биде со најниска стапка на персонален данок од 10 проценти и данок на профит од нула проценти доколку профитот се реинвестира или се задржи за подоцнежни инвестиции.