Премиерот Емил Димитриев се сретна со министерот за одбрана на Република Словенија, Андреја Катиќ
Претседателот на Владата на Република Македонија за спроведување на изборите, г-дин Емил Димитриев, денес (вторник, 4.10.2016 година) оствари средба со г-ѓа Андреја Катиќ, министер за одбрана на Република Словенија.
На средбата беа поздравени одличните односи кои постојат помеѓу двете земји и беше искажана посветеност за нивно континуирано унапредување во сите сфери од взаемен интерес.
Двете страни изразија задоволство од билатералната соработка во областа на одбраната и безбедноста, како и од соработката на двете земји во овие сфери во регионален мултилатерален контекст.
Беше поздравена иницијативата за воспоставувањето на балкански медицински наменски сили чиј штаб ќе биде отворен утре во Скопје, а во кои ќе партиципираат претставници на армиите на Македонија, Словенија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија и Црна Гора.
Соговорниците ја потенцираа значајноста на потребата за членството на Република Македонија во Европската Унија и во НАТО.
Премиерот за спроведување на изборите Димитриев се заблагодари за поддршката која Република Словенија ја дава на нашата земја за реализацијата на нашите европски и евро-атлантски интеграции, како и за соработката во реализацијата на реформите значајни за унапредување на стандардите во секоја општествена сфера.
На средбата стана збор и за предизвиците во врска со мигрантската криза, при што од страна на словенечката министерка за одбрана Катиќ беше акцентирана клучната улога која Република Македонија ја има во рамките на процесот за менаџирање на овие предизвици.
Беше реафирмирано дека за справување со предизвиците на мигрантската криза е потребен координиран пристап на земјите членки на Европската Унија и земјите кои се наоѓаат на балканската рута, и продолжување на соработката и координираните дејствија на сите земји на рутата.
Соговорниците разговараа и за други теми од областа на соработката во сферата на одбраната и безбедноста.