Две нови мерки за вработување млади лица до 29 години
Сите заинтересирани невработени млади лица до 29 години од денеска можат да аплицираат за мерката за самовработување со кредитирање, а компаниите, пак, за кредитирање за отворање нови работни места.
- Мерката за кредитирање за самовработување нуди кредит од 7.000 евра за носителот на кредитот, за носителот на бизнисот и по 4.000 евра за ново работно место до пет работни места или вкупно 23.000 евра со грејс-период од 1,5 година, со рок за враќање на кредитот од вкупно седум години и со само еден процент годишна каматна стапка. Значи, навистина поволни услови, поволна кредитна линија која што можат да ја искористат сите млади лица за да се самовработат, да формираат компании и со тоа да го решат своето прашање околу првото вработување, рече дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика Диме Спасов.
Информира дека втората мерка нуди одлична можност за македонските компании за отворање нови работни места, преку кредит до 4.000 евра за ново отворено работно место за поддршка најмногу до три вработувања или вкупно 12.000 евра под, како што рече, исто така, поволни услови.
- Овие две мерки се насочени конкретно за младите лица до 29 години. Мерките за кредитирање нудат големи поволности за самовработување, за формирање компании и реализација на бизнисите коишто ги имаат младите луѓе. Оваа мерка е реализирана од средината на 2014 година и досега преку неа се формирани над 500 компании за младите лица до 29 години. Тоа се околу 500 нови работни места што се реализирани преку оваа мерка, рече Спасов по денешната посета на Центарот за социјални работи во Свети Николе.
Директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија, кој заедно со Спасов беше во посета на Центарот за социјални работи, Влатко Поповски дополни дека и во двете мерки, дополнително можат да се користат и поволностите од проектот „Македонија Вработува 2“
Центарот за социјални работи во Свети Николе кој го посетија Спасов и Поповски пред неколку месеци целосно бил реновиран.
- Проектот е финансиран од Европската унија од ИПА програмата каде што беа инвестирани повеќе од 20.000 евра за целосна реконструкција и реновирање на Центарот за вработување во Свети Николе. Исто така, можам да истакнам дека тука континуирано се реализираат владините проекти за зголемување на бројот на работни места и бележите значителен успех, ако во 2006 година имаше околу 5.200 невработени лица во Свети Николе, веќе денес бројката е двојно намалена, односно има околу 2.600 невработени лица, од кои само 1.200 активни баратели на работа. Овој резултат или ова намалување од 5.200 на 2.600 невработени за околу девет години е како резултат на реализацијата на големиот број мерки за намалување на невработеноста, истакна Спасов.
Тој потенцира дека проектот „Македонија вработува 1“ заедно со мерката за вработување млади лица до 29 години дале одлични резултати во Свети Николе и оти над 320 работни места се отворени преку овие два проекти. Исто така, дополнително проектот „Македонија вработува 2“, којшто се уште е во тек и во фаза на реализација, за неполни три месеци постигнал 26 нови вработувања.