Владин тим во Брисел го претстави напредокот во Македонија пред издавањето на извештајот на ЕК
Министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска-Томовска, заедно со заменик-министерот за правда Биљана Бришковска-Бошкоски и државниот секретар за европски прашања Ана Блажевска се во дводневна работна посета на Брисел, каде во очи на претстојното објавување на прогрес-извештајот на Европската комисија за Република Македонија, се сретнаа со голем број високи претставници на Европската унија, на кои директно им го претставија напредокот во македонската држава во повеќе области.
Во Европскиот парламент, трите владини претставнички се сретнаа со известувачот за Македонија во ЕП, Иво Вајгл и со европратеничката и претседател на „Групата на пријатели на Македонија“ во законодавниот дом на ЕУ, Маријана Петир, а Арсовска-Томовска, Бришковска-Бошкоски и Блажевска ја посетија и Европската комисија, каде во Директоратот за проширување имаа средби со првите луѓе задолжени за Западен Балкан.
Трите владини претставнички од Македонија потврдуваат дека во наредниот период, нашата земја ја очекуваат голем број на предизвици во секторот правосудство, иако е забележано дека голем дел од Итните реформски приоритети на ЕК, во оваа област веќе се реализирани.
- На овие средби разговаравме за актуелните случувања и за исполнувањето на Итните реформски приоритети во областите што ние ги покриваме. Во однос на реформата на јавната администрација, ги информирав претставниците на Европската комисија и европратениците за напредокот што го имаме во оваа област, особено во однос на најважниот за нас приоритет, а тоа е исполнувањето на целосна и ригорозна имплементација на новите законски решенија во однос на јавната администрација, кои впрочем и ги креиравме со нашите европски партнери, истакна министерката Арсовска-Томовска по средбите.
Во однос на прашањето за медиумската состојба во Република Македонија, според првиот човек на Министерството за информатичко општество и администрација, на нејзините соговорници во Брисел им пренела дека „Македонија е на добар пат за унапредување на состојбата во оваа сфера“.
- Се на се, генералниот заклучок е дека Република Македонија останува целосно посветена на својата европска агенда, се разбира, со поддршка на нашите европски партнери и пријатели и дека одржувањето на декемвриските избори е вистински чекор во таа насока, рече Арсовска-Томовска.
Република Македонија, како и лани, ја очекува нова условена препорака за отворање на преговорите за членство во ЕУ во прогрес-извештајот што еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, треба на 9. ноември да го објави во Брисел. Истата, како и лани, поради политичката криза, препораката ќе биде условена со одржување на успешни и кредибилни избори на 11 декември во Македонија.