Камен - темелник за изградба на бункер за нов акцелератор во ГОБ „8 Септември“
Камен - темелник за изградба на бункер за поставување нов најсовремен линеарен акцелератор, е поставен денеска во дворот на Градската општа болница „8 Септември“.
На поставувањето камен-темелник присуствуваа вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Тодоров рече дека инвестицијата е вредна околу 50 милиони денари само за изградбата на бункерот, инаку нешто над 2 милиони евра и со се набавката на акцелераторот.
- Акцелераторот е веќе набавен. Технологијата на работа налага прво да се набави акцелератор, да се знае каков е тој, а потоа врз основа на тоа се прави посебен елаборат и се почнува проектирање. Очекуваме градбата да трае осум до девет месеци и потоа да се монтира акцелераторот, по што почнува период на т.н. комисионирање во кое треба да се направат сите потребни подготовки согласно протоколите кои ги налагаат за да се отпочне со работа и да се добие дозвола од страна на Агенцијата за радиоциона сигурност, рече Тодоров.
Појасни дека станува збор за најсовремена градба, со бункер чии ѕидови се дебели 2,60 метри односно по сите стандарди и се очекува проектот да биде оперативен за година и пол од сега по што ќе почне да се даваат услуги на пациентите.
- Тука идејата е сите акцелератори да бидат поврзани со комплексот клиники „Мајка Тереза“, и овој во „8 Септември“ и во Битола и во Штип и целата зрачна терапија и плановите да се контролираат од едно место со што ќе се подигне нивото на квалитет и ќе се следат исти протоколи во целата држава што е многу значајно, истакна Тодоров.
Потенцира дека во делот на зрачната терапија досега имаат направено значајни исчекори.
- Тука затекнавме сериозно лоша состојба на долго време на чекање - шест, девет месеци, а во еден период и до една година. Во еден период и воопшто немаше ниту еден акцелератор во државата, па пациентите беа принудени на свој трошок да одат во странство. Тоа беше во 2005, 2006 година. Потоа се реорганизиравме и сега времето на чекање е три дена, период кој е потребен да се направи план за еден пациент. Тоа значи практично нема време на чекање за зрачна терапија што ја издвојува Македонија во однос на сите останати земји во регионот, рече Тодоров.
Ако направиме компарација за тоа колку се чека за зрачна терапија во други земји, нагласи, ќе видиме дека Македонија во овој сегмент има направено сериозно значаен исчекор и го има сведено времето на чекање за зрачна терапија на минимум односно може слободно да кажеме дека во Македонија нема листи на чекање за зрачна терапија.
Груевски истакна дека му претставува задоволство да биде присутен на официјалниот почеток на работите во Клиничката болница „8 Септември“, бункер за сместување на акцелератор за кој како Владата донеле одлука во 2014 година, а во меѓувреме се подготвувале сите проекти, сите подготвителни работи.
Посочи дека се очекува акцелераторот да почне да функционира во втората половина на 2018 година.
Практично, нагласи Груевски, тоа беше и дел од нашите ветувања дека освен во комплексот клиники „Мајка Тереза“ каде во моментов има три акцелератори, ќе бидат набавени и изградени бункери за нивно сместување во клиничките болници во Штип, Битола и во „8 Септември“.
- Ќе биде многу од значење за пациентите кои ќе имаат потреба да доаѓаат тука. Дополнително ќе се растерети целата ситуација. Во моментот нема некоја долга листа на чекање. Листата на чекање е многу кратка, три дена, за разлика од 2005 година кога била по повеќе месеци. Сега е веќе три дена и тоа не се ни смета дека има листа на чекање. Меѓутоа, сепак ќе биде добро затоа што во одредени моменти доаѓа до дефекти заради кои поправки се потребни еден или повеќе месеци и од тој аспект ќе има и растеретување на комплексот клиники „Мајка Тереза“, додаде Груевски.
Одговарајќи на новинарско прашање Тодоров рече дека во меѓувреме треба да се изврши обука на физичарот кој е веќе вработен, и да се изврши обука на технолози кои ќе работат на акцелераторот, а во меѓувреме треба да се работи и на подготовки за основање на онколошко одделение.
- Тоа би било во еден подолгорочен период од две, две и пол години да се направи онколошко одделение и во ГОБ „8 Септември“, додаде Тодоров.